Во голем број училишта во Србија денеска нема настава или е скратена, поради протести на просветните работници организирани на плоштадите и пред училишните управи откако репрезентативните синдикати на просветните работници не го прифатија предлогот на Владата за зголемување на платите од јануари за 12 отсто, јави дописникот на МИА од Белград.

Четири репрезентативни синдикати во Србија - Синдикатот на просветните работници на Србија, Синдикатот на образованието на Србија, ГСПРС „Независност“ и Синдикатот на просветните работници на Србија бараат Владата да ја изедначи почетната плата на дипломираните наставниците со просечната плата во Србија, да им исплати новогодишен бонус и итно да донесат измени на законот со кои ќе се зголеми заштитата на наставниот кадар од се почестите напади од ученици и родители.

Претседателот на Форумот на средните стручни училишта, Милорад Антиќ, за новинарите изјави дека просветните работници само бараат да имаат иста просечна плата како и другите вработени во земјата и да им се гарантира законски безбедноста во образовните институции каде што работат. Просветарите го изразија своето незадоволство и од досегашните преговори со претставници на Владата за зголемување на платите.

Форумот на белградските средни училишта во соопштението наведува дека Главниот одбор на таа организација одлучил да го поддржи штрајкот не само затоа што се незадоволни од решенијата што ги нуди владата, туку и поради лицемерниот обид на претставници на министерствата за финансии и образование за поделба на вработените на наставен и ненаставен кадар.

Просветните работници порачаа дека доколку не им се исполнат барањата на 2 октомври, повторно ќе штрајкуваат.

-Ова е нашиот крик, доста е, изјави Снежана Романдиќ од Синдикатот на просветните работници на Србија за Н1 по протестот во Белград.

Романдиќ рече дека според проценките на синдикатот во Белград, во штрајкот учествувале околу 70 отсто од училиштата.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2024 17:09