Во изминатите 24 часа состојбата во Виена значително се стабилизира, водостојот на реките се намалија, а водата постепено се повлекува од поплавените делови на градот.
Градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг и австрискиот канцелар Карл Нехамер на заедничката прес-конференција повикаа на претпазливост, нагласувајќи дека сè уште не е време целосно да се укине алармот. Сепак, се очекува од утре состојбата трајно да се подобри.
Дополнителни 300 вработени во претпријатието за јавен превоз „Винер Линиен“ се распоредени низ Виена за да ги спроведат безбедносните мерки и да обезбедат поддршка на алтернативниот транспорт.
Од почетокот на невремето противпожарните служби досега имале 2.900 интервенции, а на терен дежураат 500 пожарникари. Виенската служба за итни случаи регистрирала 17 интервенции, при што десет лица се здобиле со полесни повреди, најмногу поради падови или несреќи на лизгави коловози натопени од дожд.
Ситуацијата континуирано се следи со помош на дронови. За денеска се предвидуваат само повремени послаби врнежи.