Владата реши да се раскине договорот за закуп на административно – деловен простор што Државната лотарија го склучи со фирмата „Хеј“ ДООЕЛ Скопје. Станува збор за поранешен ресторан за свадби во скопско Визбегово, изнајмен за потребите на Државна лотарија.

„Владата ја разгледа и усвои информација за преземените активности за раскинување на Договорот за закуп на административно-деловен простор склучен помеѓу ‘Хеј’ ДООЕЛ Скопје и aкционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија“, соопшти Владата.

Зградата има четири ката и поткровје, се наоѓа на 7 километри од центарот на Скопје и од актуелното седиште на Државна Лотарија. Фирмата „Хеј“ најпрво го купила земјиштето и објектот, а nabrzo потоа склучилa договор за закуп со Лотарија за 2,6 милиони евра, месечна кирија од речиси 22.000 евра за период од 10 години, пренесува МКД.мк

Финансиската полиција веќе отвори предистрага и ја одзела документација од Лотаријата за да истражи дали има нерегуларности.

Со фирмата „Хеј“ се поврзуваат повеќе функционери и блиски роднини на политичари од ДУИ. Во моментот, сопственик на фирмата е Асмир Јахоски, сопственик на Пуцко петрол и син на Исмаил Јахоски, актуелен пратеник во Собранието. Тој станал сопственик на „Хеј“ лани на 17 октомври, а зделката е регистрирана во Централниот регистар десетина денови подоцна. Претходниот сопственик Армин Машовиќ станал управител на „Хеј“, фирмата која е формирана на 2 февруари 2023 година, а набрзо потоа склучува милионски договор со Лотарија. Машовиќ за неколку месеци ја формирал „Хеј“ ДООЕЛ, ги купил деловните простории во поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ и потоа склучил договор со Државна лотарија за закуп на истите за сума од над 2,6 милиони евра.

Директор на Лотарија Перпарим Бајрами е близок соработник и дел од од кабинетот на Артан Груби, поранешниот вицепремиер од ДУИ. Првата адреса на „Хеј“ беше во зградата во скопската населба Карпош, објект изграден од Пуцко петрол.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/09/2024 11:39