Најновите услови во економијата овозможуваат да се почне со постепено претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика и е одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 процентни поени, на нивото од 6,05 проценти, соопшти денеска Народната банка.

Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20 проценти и 4,25 проценти, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка вчера на редовна седница ги разгледуваше најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Со ваквите промени, според НБ, се задржува внимателноста во монетарната политика имајќи ги предвид ризиците поврзани со надворешното окружување што сè уште постојат, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, вклучувајќи го и постепеното зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките (1 процент со примена од јули 2024 година), ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Воедно, промените во инструментот задолжителна резерва коишто се применуваат од јули 2024 година, придонесуваат за дополнителна поддршка на поставеноста на монетарната политика.

Од Народна банка информираат дека одлуката за монетарната политиката е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар. Годишната стапка на инфлација во август позначително забави и изнесува 2,2 проценти, при поволни движења кај сите три главни компоненти, односно пад на цените кај прехранбената и енергетската компонента и забавен раст на базичната инфлација.

- Со оглед на споредбената основа од 2023 година (мерки за привремено ограничување на растот на цените), до крајот на годината е можна определена променливост во стапката на инфлација, но во просек за целата 2024 година се очекува дека ќе биде во рамките на проектираната од 3,5 проценти, според априлскиот циклус проекции. Во анкетите на ЕК за очекувањата на потрошувачите, веќе пет месеци по ред преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на берзанските цени на примарните производи, најновите прогнози се ревидирани надолу, во согласност со зголемената понуда и намалената побарувачка, што е поврзано со послабите изгледи за раст, се вели во соопштението.

Во соопштението стои дека состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на август изнесува 4.469,8 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во согласност со поволните движења на девизниот пазар, Народната банка од почетокот на годината интервенира со нето-откуп на девизи, што придонесе и за подобри остварувања кај девизните резерви од очекувањата. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јули 2024 година е во согласност со очекувањата од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на август се малку повисоки од проектираните нето-приливи од приватните трансфери. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во вториот квартал од 2024 година е понизок од очекувањата според априлската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи.

Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор што Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во септември по вторпат оваа година беше донесена одлука за намалување на каматната стапка за 0,25 п.п.

-Економскиот раст во вториот квартал на 2024 година забрза и е речиси идентичен со проекциите на Народната банка. Реалниот раст на домашната економија изнесува 2,3 проценти на годишна основа (1,2 проценти во претходниот квартал), при натамошен раст и на квартална основа. Така во првата половина од годината е остварен раст од 1,8 проценти, што е блиску до нашата проекција од 1,9 проценти. Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2024 година со кои се располага во моментов се ограничени. Засега, податоците за јули покажуваат реален годишен раст на прометот во вкупната трговија и на индустриското производство, наспроти нивниот пад во претходниот квартал. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти поосчива централната банка.

Во монетарниот сектор, депозитниот потенцијал на банките е солиден и засега со изгледи за подобри остварувања од очекуваните за третиот квартал. Слични се остварувањата и кај кредитниот раст, којшто се одржува малку над проектираниот.

- Општо земено, најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, создадоа можност за намалување на основната каматна стапка. Сепак, Народната банка го задржува внимателниот пристап при натамошните одлуки за монетарната политика. Ризиците поврзани со надворешното окружување треба и натаму да се следат, пред сè цените на примарните производи, коишто сè уште се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските промени, а треба да се внимава и на ризиците од домашните фактори коишто може да влијаат врз побарувачката и цените во следниот период, вклучително и политиката на платите. Оттаму водењето внимателни макроекономски политики ќе биде нашиот приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок, соопштија од Народната банка



Автор: Администратор
Објавено на: 18/09/2024 13:39