Предлогот за ограничување на бруто профитната маржа до 10 отсто со кој се опфатени стотина основни прехранбени производи, е донесен во консултација со стопанските комори. При неговото изготвување биле земени предвид сугестиите и од производителите и трговците.
Како што рече денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, сега не се донесуваат одлуки со сила како порано, туку со сослушување на сите засегнати страни.
Тој најави дека покрај есенска кошница, ќе има и божиќна, рамазанска, велигденска,... зашто обично, нагласи, во периодот пред и за празниците, трговците секогаш ги зголемуваат цените.
-Минатите денови имав состанок со коморите. Ги слушнав нивните барања, ги слушнав забелешките и од производителите и од трговците. Направивме заеднички предлог што Министерството го достави до Владата. Наредната седница очекуваме предлогот да се усвои - бруто профитната маржа да се ограничи до 10 отсто за сите основни прехранбени и земјоделски производи. Коморите не беа добро известени, мислеле дека оваа мерка ќе биде долгорочна, но ние ги информиравме дека мерките се само за празници, со ограничено времетраење. На пример, одлуката за есенската кошница ќе трае еден месец, потоа ќе има божиќна кошница, рамазанска, велигденска,... Се знае дека во овие временски периоди трговците секогаш ги зголемуваат цените, истакна Дурмиши, одговорајќи на новинарски прашања по Меѓународната конференција „Бизнис ангелите и претприемачки екосистем во Северна Македонија".
Според него, ова се прави за да им се излезе во пресрет на граѓаните.
-Мерките се во интерес и на граѓаните и на државата. Предлогот е есенската кошница да трае еден месец, но на Влада ќе се дискутира. Ќе видиме кои се другите предлози, од другите министерства. Досега одлуките сме ги носеле низ разговор, отворено и транспарентно. Формиравме работни комисии од министерствата за економија, за земјоделство и за финансии, а, како што реков, ги слушнавме и коморите. Не донесуваме одлуки со сила како порано, туку со сослушување на сите засегнати страни, рече Дурмиши.