За трет мобилен оператор нормално е да има тендер, не се фаворизираат компании, но добро е што други оператори веќе пројавуваат интерес да влезат на македонскиот пазар и евентуално да ја зголемат конкуренцијата, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, во вечарашната емисија “Само интервју” на ТВ Канал 5.
Македонскиот пазар функционира како дуопол и затоа се обидуваме да ги намалиме цените на услугите. Не е нормално да плаќате пакет од 5100 денари во услови кога минималната плата е 23 илјади денари, вели министерот Николоски.
“ Гледам дека се многу вознемирени двата оператори и сакам јавно да ги замолам да не се обидуваат преку јавноста да нарачуваат текстови и напади и уште помалку преку нивните амбасадори да се жалат дека имаат проблеми. Немаат никакви проблеми, единствено што јас сакам е да се намалат цените. Да ги намалат цените може нема да има потреба и од трет оператор, ќе гледаат со пониски цени да го освојат пазарот. Еве ако имате еден нормален пакет со мобилен телефон, фиксен телефон, оптички интернет и кабелска ТВ и тоа да ве чини 5100 денари во услови кога минималната плата е е 23 илјади денари, нормално е дека некој друг ќе гледа да ги намали цените и да понуди услови да го освои пазарот. И наместо да трошат пари на пр - текстови нека ги намалт цените и ќе бидат поконкурентни”- истакна министерот Николоски
Тој исто така објаси дека Македонија е дел од т.н. “Чиста мрежа” каде преку законски измени не може да се користат технологии од кинески компании.
“ Исто така сe пласираат тези преку блиски медиуми на двата оператори дека компанијата 4iG користи кинeска технологија. Прво Македонија и со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и со законски измени во 2022 година стана дел од таканаречената чиста мрежа според која кинески компании не можат да инсталираат технологија во Македонија. И овие два оператори не кажуваат дека тие користеа кинеска технологија, едниот Хуавеј, другиот ЗТЕ и никогаш не кажаа во јавноста што направија со таа технологија од која се откажаа од пред две години”- рече министерот Николоски во интервјуто.