Од Берлин не носам 10-15 илјади депортации од Германија за Грција, како што некои рекоа. Никогаш нема да постојат масовни депортации и враќања на мигранти, објасни министерот за миграција и азил на Грција Никос Панајотопулос во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.
Панајотопулос во понеделникот и вторникот беше во Берлин, се сретна со неговиот германски колега и учествуваше на конференцијата за миграција и безбедност на Западен Балкан, а во денешното интервју посочи дека депортациите секогаш се на маса, бидејќи се предвидени, но не станува збор за масовни.
-Никогаш немало и ниту постои прашање за масовни депортации (од Германија), за да ја смирам јавноста, која со право е загрижена. Мора да го прекинеме ова, но и да кажеме храбро и јас го кажувам уште еднаш, како што рече премиерот пред некој ден. Постои политичка промена на ставот пошироко во Европската унија, што повикува на заострување на правилата за миграција, бидејќи општествата едноставно, веројатно чувствуваат одредена несигурност во врска со неконтролираната илегална миграција. Ова постои и мислам дека и ние треба да ги примиме пораките и да видиме какви прилагодувања треба да направиме, но без да го прекршиме духот на Шенген, односно отворените граници и духот на Европскиот пакт за миграција и азил, истакна Панајотопулос.
Во однос на одлуката на Германија, објасни дека „воведе контрола на границите, а не затворање“.
-Технички, Германците се повикуваат на некои безбедносни причини, тоа го сторија и за време на Европското првенство. Сфати некој дека Германија воведе гранични контроли за време на Европското од безбедносни причини? Не, тогаш тоа не беше тема. Но, сега прашањето се наметнува поради големиот политички притисок што се врши врз Владата на Шолц, која одеднаш, а можеби и малку задоцнето, сфаќа дека процентите на екстремната десница како што се рефлектираа на неодамнешните избори во двете покраини, можеби ќе се рефлектираат и на следните локални избори во покраината Бранденбург и сфаќа дека една од причините за овој подем на екстремната десница е генералниот негативен став на општеството кон германската миграциска политика што ја следеше со години, објасни грчкиот министер.
За оградата на Еврос во непосредна близина на копнената граница со Турција, нагласи дека ќе продолжи да се гради, дека нема да го покрие целиот дел, бидејќи „технички не е изводливо“, но дека сепак „ќе го отежне влезот од копнената граница со оглед на тоа што ќе ги намали влезните точки“.
Паралелно истакна дека Грција сака да добие финансии од ЕУ, но и да не се случи тоа, „дали со европски пари или со пари од националниот буџет, изградбата на оградата ќе продолжи“.