Трендовите на развиените пазари на капитал, новините во берзанските движења, како и размена на искуства на актуелни теми од областа на берзанското работење ќе бидат темите на дискусии на 23 Годишна конференција на Македонската берза што од денеска се одржува во Охрид.
Повеќе од 200 учесници на собирот, еминентни имиња од облата на пазарот на капитал, со предвидени триесетина говорници и панелисти од десет држави, во Охрид овие два дена ќе дискутираат за развојот на пазарот на капитал, во услови кога инвестициските производи стануваат се посложени, а услугите се поразнолики.
Како што беше посочено од говорницата на отворањето насобирот, во такви околности се повеќе значајна станува и финансиската едукација затоа што е важно малите инвеститори да ги разберат и оценат изборите за инвестирање коишто им се нудат и да научат како да избегнат лоши инвестирања.
Пред учесниците свое обраќање имаше министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска, која истакна дека дека Берзата е местото каде се сретнуваат инвеститорите, место каде се движи капиталот и затоа е многу важно да се создадат услови за влез на што поголем број учесници, а клучно за зголемување на интересот за хартиите од вредност што ги издава Министерството за финансии, е имателите да бидат сигурни дека тие хартии од вредност можат во секое време да ги материјализираат на секундарниот пазар и на тој начин да обезбедат ликвидни парични средства.
- Да го најдат интересот и правните, но и физичките лица кои можат да вложуваат средства во алтернативни извори на финансирање кои се нудат на Берзата, покрај она што е традиција кај нас, а го нуди банкарскиот сектор. Во таа насока во наредниот период заедно со Македонската берза поактивно ќе дејствуваме меѓу другото во развој на секундарното тргувње на хартиите од вредност кое има повеќекратни придобивки, најави таа.
Министерката истакна дека во тек е подготовка за донесување Одлука за 23-тата емисија на обврзници за денационализација којашто ќе биде во вредност од 1,5 милиони евра и којашто ќе ја зголеми понудата на хартии од вредност со коишто ќе се тргува на секундарниот пазар на Македонската Берза. Досега се изадени 22 емисии на обврзници за денационализација во вкупен износ од 397 милиони евра.
- Во насока на модернизирање на домашниот пазар на капитал и примена на европските стандарди на тргување со хартиите од вредност, таа потсети дека се донесени Законот за финансиски инструменти и Законот за проспект и обврски за транспареност на издавачите на хартии од вредност, со кои меѓу другото се зголемува транспаренстноста на издавачите на хартии од вредност и заштитата на инвеститорите преку зголемена контрола на злоупотребата при тргувањето на пазарот на капитал. Во наредниот период се очекува да биде финализиран и Законот за алтернативни инвестициски фондови, кој ќе овозможи воведување нови видови фондови, покрај отворени и затворените инвестициски фондови, рече таа.
Главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, од своја страна најави дека на собирот во Охрид ќе бидат разгледувани теми за тоа што е актуелно на пазарот, но и ќе се направат подлабински анализи за предизвиците во иднина со насоки за изнаоѓање соодветни решенија.
- Прометот на Македонската берза оваа година е одличен, со првите девете месеци вкушниот промет е сто милиони евра што е за речеиси 70 проценти зголемување споредбено со минатата година. Она што е мошне значајно за инвеститорите, тој зголемен промет е проследен со раст на цените, главниот берзански индекс МБИ-10 оваа година е зголемен за дополнителни 41 процент, рече Штериев.
Зборувајќи за предизвиците на пазарот на капитал, како дежурна тема во дискусиите се наметнува трендот се уште да се оперира со истите финансиски инструменти, пред се со акции креирани во процесот на приватизација.
- Нема нови котации, нема нови иницијални јавни понуди, но тоа е болка на целиот регион, и во Европа, споредбено со берзите во САД. Причните за тоа е некој тип аверзија да се дозволи мешање во сопственичките структури. Од друга страна, што е позитивно за економијата е лесниот пристап до банкарското кредитирање. На тоа се надоврзува недоволното познавање на оваа сложена проблематика, затоа темата за финансиска едукација останува константа, рече Штериев.
Зборувајќи за работите што се смета дека ја детерминираат сегашноста и иднината на домашниот пазар на капитал, Штериев истакна дека во услови кога има добар период, и приватно и деловно, добро е да се биде објективен и да се размислува како понатаму.
- Средновечната стратегија за развој на Македонската берза како примарни развојни приоритети ги посочува идниот развој на т.н. Пазар на растечки компании и поактивното инволвирање на Берзата и нејзините членки на примарниот и секундарниот пазар на државни обврзници. Со ова се потврдуваат проектите и работите што и сами досега сме ги иницирале и јавно сме ги комуницирале. Пазарот на растечки компании ќе биде овозможен со новата регулатива во 2025 година, а БУМ клубот, што го формиравме минатата година, е своевиден pipeline за него. После една година од функционирање на овој клуб може да оцениме дека нашите желби и очекувања и плановите на компаниите не се со ист временски хоризонот... Новите котации на Берзата се повеќегодишен сон и предизвик за сите на пазарот. За да имаме успех со новиот Пазар на растечки компании, што сигурно ќе го формираме во блиска иднина, ќе биде потребна поддршка и проактивност на сите чинители. На пат сме да обезбедиме и нова конкретна поддршка од ЕБРД за ова. Што се однесува до пазарот на државни обврзници, и примарен и секундарен, можеме само уште еднаш да кажеме – Берзата и нејзините членки сакаат и се нудат да бидат максимално инволвирани овде. За тоа веќе имаме поднесено соодветна Иницијатива до Министерството за финансии минатата година. Во мали земји, како нашата, секое специјализирано и ретко know-how има мултиплицирана вредност. Нашето кумулирано знаење за организирање различни типови аукции и секундарно тргување со разни финансиски инструменти, канали за промоција и посветеност можат и тоа како да придонесат за дополнително популаризирање на вложувањето во државни обврзници од различни инвеститори, со посебен акцент на граѓаните, истакна Штериев.
Како развојни приоритети уште беа посочени идентификува и продлабочувањето на интеграциите, по сите основи, со Централната директива за хартии од вредност и Загрепската берза.
- Прво, знаеме дека нашиот пазар, иако веројатно најразвиен во регионот на Западен Балкан, е плиток – нема многу инструменти и се темели на мал број воглавно домашни инвеститори. Ова ја детерминира неговата физиономија и пазарните движења. Нашата развојна карта беше и е интеграцијата со берзата од Загреб. Второ, во однос на Депозитарот, би сакале да истакнеме дека како негов најголем поединечен акционер изминатава година силно го подржавме проектот за набавка на нов софтверски систем којшто, се надеваме, ќе се имплементира паралелно со започнување со примена на новата законска регулатива. Ваков проект, за секој пазар на хартии од вредност, претставува влез во нова ера и уверени сме дека со тоа ќе се отворат нови можности за сите, рече Штериев.
Како предизвици со кои се соочува пазарот на капитал во земјава, меѓу другите уште беа посочени престојниот процес на имплементирање и усогласување со новата законска регулатива во областа на хартиите од вредност со европските директиви, незаинтересираноста на компаниите за пазарно финансирање и стареењето и на инвеститорите и на учесниците на македонскиот пазар на капитал