Со симболично предавање на дрвен чекан, подарок на НАТО од Исланд, досегашниот генерален секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг официјално му ја предаде должност на неговиот наследник, поранешниот холандски премиер Марк Руте.
Во обраќањето на церемонијата, што се одржи во рамки на заседанието на Северноатлантскиот совет, Руте се заблагодари на сите земји членки на НАТО за укажаната доверба и поддршка за неговиот избор за нов генерален секретар, а посебно на Столтенберг за како што рече, неговата одлична работа.
- Денес НАТО е поголем, посилен и пообединет од кога и да било досега, а тоа во голема мерка е резултат на водството на Столтенберг, рече Руте.
Тој нагласи дека има намера да продолжи по стапките на Столтенберг и да го подготви НАТО за предизвиците во иднина, посочувајќи три главни приоритети за време на неговиот мандат во следните пет години.
- Прво, да го одржиме НАТО силен и да обезбедиме дека нашата одбрана ќе биде ефикасна од сите закани. За тоа ни се потреби повеќе сили, поголема способност и зголемени иновации. Тоа бара повеќе инвестиции, бидејќи за да постигнеме повеќе, мора и да трошиме повеќе, истакна Руте, додавајќи дека нема бесплатна безбедност.
Негов втор приоритет ќе биде зајакнување на поддршката за Украина и нејзино доближување до НАТО, бидејќи, како што рече, невозможно е зачувување на безбедноста на Европа без силна и независна Украина. Токму затоа, според него, НАТО треба да ги исполни дадените ветувања за поддршка на Украина и за нејзиниот неповратен пат кон членство во Алијансата.
- Трет приоритет е зајакнување на нашето партнерство со нашиот единствен и суштински партнер – Европската Унија и со земјите ширум светот што го споделуваат нашиот интерес и вредности, порача Руте.
Во своето обраќање пред Советот, Столтенберг нагласи дека во измината деценија НАТО постигна значајни остварување, вклучувајќи ја најголемата трансформација за Алијансата во последните децении и зајакнувањето на одбраната со ставање во борбена готовност на десетици илјади војници на Источно крило. Тој посочи и дека за време на неговиот мандат бројот на членките на НАТО кои издвојуваат најмалку два отсто од својот БДП за потребите на одбраната се зголеми од три на сегашните 23 земји, а во исто време беа зајакнати и институциите на Алијансата.
- Нашето семејство на сојузници и партнери мора да расте. Црна Гора, Северна Македонија, Финска и Шведска се приклучија на нашето семејство, а Украина е поблиску до НАТО од кога било досега, рече Столтенберг, нагласувајќи дека НАТО и пружа огромна поддршка на Украина, која е координирана преку новата команда формирана за таа цел во Германија.
Тој потенцира и дека НАТО ги прошири своите партнерства на југ, ја продлабочи соработката земјите од Индо-пацифичкиот регион и ја зајакна соработката со Европската Унија на нивоа без преседан.
- Европа и Северна Америка заедно во силен НАТО е единствен начин за движење напред, Единството е нашата најголема сила, порача Столтенберг.
Досегашниот генерален секретар на НАТО на крајот истакна дека му претставувало задоволство да биде на чело на Алијансата и да соработува со сите нејзини членки и сите вработени во седиштето на Пактот.
Тој уште му порача на Руте дека неговото големо искуство го прави одличен кандидат за местото генерален секретар, бидејќи во изминатите 14 години како премиер покажал дека знае како да постигнува компромиси, што ќе биде од особена важност во извршувањето на новата должност.
- Но, ти исто така докажа дека не правиш компромиси за нашите суштински вредности и заложби. Сега е време да си заминам, а ти да го започнеш својот мандат како генерален секретар, рече Столтенберг.