АД ЕСМ го поздравува почетокот со комерцијална работа на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Александрополис, Република Грција. Сепак, сметаме дека е потребно да ја информираме јавноста околу фактичката состојба и инволвираноста на државата во предметниот проект.

Претходната Влада како покровител на потпишаните Меморандуми за ЛНГ терминалот и за гасната електрана Александрополис, влегува без претходна стратегија и разработен бизнис план. Во моментов, согласно достапната документација, АД ЕСМ во проектот Александрополис има закупено само капацитет од 1,8TWh годишно односно 4,95GWh/ден, за период од 15 години. Имено, поранешното раководство на АД ЕСМ преку ЕСМ Продажба закупило само половичен преносен капацитет за гасната година 2023-2024, но без можност за влез на гасот во Македонија, затоа што интерконективната точка Ќустендил – Жидилово, не била закупена за оваа година. Токму затоа, домашната компанија ќе забележи загуби од околу три милиони евра.

Прво и основно, во земјава сè уште нема гасна инфраструктура. Единствената интерконективна точка од која може да се донесе природен гас во земјава Ќустендил- Жидилово, Република Бугарија, е со ограничен расположлив капацитет од околу 5,1 GWh дневно, и притоа е изложен на огромна конкуренција. Од друга страна, интерконекторот Грција-Македонија сè уште не е изграден, како ни дистрибутивната мрежа во границите на Македонија.

Според фактите и моменталниот статус на проектот и информациите со кои располага ЕСМ, би сакале да ја информираме јавноста дека НОМАГАС сè уште нема стекнато 10% учество во сопственоста на ЛНГ терминалот Александрополис, ниту пак АД ЕСМ има сопственост од 25% во тамошната гасна централа, како што пренесуваат дел од медиумите.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/10/2024 05:21