По поплавите што вчера ја зафатија БиХ, најтешка е состојбата во општина Јабланица, каде што најголем број урнати згради и објекти се под вода, а истото е и во Трусина и Бутуровиќ Поље, јави телевизијата БХТ1.
Новинарка на телевизијата, која известува од терен, изјави дека овие места се непрепознатливи.
-Можеме да видиме само дрвја и вода, кал, се’ лебди на површината на водата, можеме да видиме загрижени жители, изјави таа и додаде дека веќе се започнати хуманитарни акции за помош на загрозените.
Според последните неофицијални податоци само на територијата на Јабланица како исчезнати се водат 48 лица, додека официјалните податоци велат дека по поројните поплави и свлечиштата кај Јабланица, Кониќ, Крешево и Кисељак, потврдена е смртта на 19 лица, а дека по многу други се уште се трага.
Населението во погодените подрачја има потреба од итна помош, а најитни се конзервираната храна и вода во шишиња.
Патната комуникација е отежната, а на места и целосно прекината.