Во ерменската катедрала „Сурп Асдваѕаѕин“ во Бејоглу во Истанбул, концерт одржа реномираниот хор „Менада“ од Тетово, по повод државниот празник „11 октомври – Денот на македонското востание“. Концертот е дел од годишната програма на Македонскиот културен центар, во соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија.
Како што соопштија од КИЦ - Истанбул, хорот, под диригентство на маестро Ивица Зориќ, приредил исклучителен настап изведувајќи дел од својот огромен и разноводен репертоар на духовна музика придружена со популарни македонски народни песни.
На настанот присуствувал и македонскиот амбасадор во Република Турција, Јован Манасијевски и генералните конзули на Македонија и Албанија во Истанбул, Идрис Фазлиоски и Арманд Шандро.
Настанот го отворил директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, кој ја истакна потребата од зголемена институционална соработка меѓу двете држави, акцентирајќи ја неопходноста за продолжување и поттикнување на културната размена, прикажувајќи повеќе настани кои во иднина ќе го воспеваат спојот на македонската и турската култура.
Хорот „Менада“ на својот репертоар има поставено повеќе од петстотини ренесансни, класични, современи композиции, македонски музички фолклор, духовни и евергрин композиции. Учествувајќи на домашни и меѓународни фестивали, конкурси и концертни турнеи се има стекнато со голем број престижни награди, признанија и пофалби. Хорот со гордост го носи епитетот „Светски македонски хорски музички амбасадори“. Менада има настапувано на сите значајни фестивали во Македонија со Македонската филхармонија и други камерни ансамбли, а има исполнето композиции на повеќе од 15 светски јазици настапувајќи во 20-тина држави.