Жените од руралните средини се соочуваат со огромен број на проблеми и предизвици - недостаток на здравствена заштита, недоволно културно, социјално експонирање, немање доволно неформално квалитетно образование, недостапност на превоз, ниски плати и неформална неплатена работа. Овие се дел од заклчучоците истакнати на денешната јавна расправа за „Родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“. Јавната расправа се одржа во рамки на седницата на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите по однос годишниот извештај од Државниот завод за ревизија.
Орхан Адеми, заменик главен државен ревизор на јавната расправа нагласи дека врз основа на резултатите од ревизијата стекнале разумно уверување дека мерките и активностите за родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд кои се преземаат од страна на надлежните институции не се доволно ефикасни и ефективни со цел вклучување на жените од руралните средини на пазарот на труд и задржување во руралните средини. Потенцира дека стереотипите и дискриминацијата мора да бидат елиминирани, руралната жена сака, може и знае како да ја осигура својата иднина, да стане успешен претприемач, да изгради подобро утро за целокупниот општествен напредок.
Утврдиле дека националните стратегии од областа создаваат добра основа за развој на руралните средини, но потребно е да се дефинираат мерки и активности кои ќе бидат прилагодени за жените од руралните средини и нивно вклучување на пазарот на труд. Посочи дека жените од руралните средини и нивното вклучување на пазарот на труд, не се дел од стратешките приоритети и цели на Владата. Со дефинирање како стратешки приоритет, рече тој, државата не само што ќе помогне за подобрување на состојбата на жените од руралните средини туку ќе влијае и на запирање или намалување на процесот на иселување од руралните средини на населението кое живее во овие рурални средини.
-Постојат мерки кои придонесуваат за подобрување на состојбата на руралните жени како што е првата родово одговорна мерки 115 – поддршка на активен женски член во земјоделското стопанство, како и мерки за вклучување на жените од руралните средини на пазарот на труд кои се креирани од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како што е мерката 112 – Помош на млади земјоделци за започнување со земјоделска дејност и мерката 7 – Диверзификација на фарми и развој на бизниси, рече заменик главниот државен ревизор.
Адеми потенцира дека потребно е да се донесат мерки за зголемување на бројот на регистрираните земјоделки и носителки на земјоделски стопанства преку соодветно вреднување на нивниот труд, како и потреба од законски измени за признавање на нивните права на социјални бенефиции, вклучувајќи боледување, родителско отсуство и пензии.
-Потребно е дизајнирање на директни мерки со кои ќе се овозможи вклучување на жените во руралните средини на пазарот на труд, вклучување на национално и локално ниво на жените од руралните средини при креирање и дизајнирање на мерки со цел поголема ефикасност на процесот на вклучување на жените од руралните средини на пазарот на труд, поголема поддршка на жените од руралните средини преку посета на терен и промовирање на мерките кои се спроведуваат од државата за нивните можности, начинот и постапките за нивни аплицирање и користење. Потребно е зголемување на бројот на установи за згрижување и воспитание на деца и домови за стари лица како еден од најважните предуслови за да можат жените од руралните средини да се вклучат на пазарот на труд, како и подобрување на јавните услуги за жените од руралните средини (здравствени, социјални, културни, јавни услуги итн.). Во Стратегијата за родова еднаквост за периодот 2022-2027 година како клучен стратешки документ утврдено е дека во руралните средини е потребно зајакнување на жените во однос на управување со земјоделски имот и земјиште, како и градење на нивната самодоверба и капацитети во донесување одлуки. како што рече, зајакнувањето на жените од руралните средини треба да биде насочено и кон градење на нивните капацитети и знаења за аплицирање во програмите за финансиска поддршка во земјоделството, но и во другите програми каде што се нудат можности за отворање сопствен бизнис и самовработување, како и диверзификација на активностите во руралните средини и придонес кон нивна одржливост преку отворање на мали бизниси (што и не е примарно поврзани со земјоделството) какви што се локални фирзерници, продавници за изработка и продажба на традиционално изработени производи, развој на рурален туризам итн, рече Адеми.
Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова нагласи дека најважното е на сите луѓе вклучувајќи ги и жените од руралните средини да се вклучат во економијата.
-Токму жените во руралните средини се столбот на заедницата во која што живеат. Кога велам заедницата, не мислам на семејната заедница, туку мислам на социјалниот амбиент. Не само што имаат клучна улога, туку и деновиве тоа го видовме во Велес, се неверојатно иновативни во земјоделството. Кога велам столб, многу од министерствата семејни ги носат тие на грбот или во умот и ем придонесуваат кон семејниот буџет, ем се разбира грижливо се однесуваат кон неговото трошење. Затоа се многу битни. А бидејќи не биле вклучени во процесите, многу помалку се и на одлучување, многу помалку се корумпирани и криминализирани, рече Давкова.
Жаклина Пешевска, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ги посочи проблемите и предизвици се соочува руралната жена.
-Многу рурални жени зависат од семејниот приход што ги ограничува нивните можности за финансиска независност. Ниски плати и неформална работа, често работат во земјоделството или мали бизниси со ниски плати и без официјални работни договори. Недостаток на образовни можности, односно достапноста на образование и обука е ограничена што го отежнува развојот на нови вештини. Недостаток на инфраструктура, односно лошата инфраструктура во руралните области како што се патишта и јавен превоз го отежнува пристапот до услуги и ресурси. Социјална изолација – руралните жени често се соочуваат со изолација особено во однос на социјални мрежи и поддршка. Недостаток на здравствени услуги, пристапот до здравствената нега е ограничен, а многу жени немаат информации за здравствените права и услуги. Традиционални улоги – општествените норми понекогаш ги ограничуваат жените во нивната способност да учествуваат во одлучувањето и управувањето со имотот. Руралните жени често се изложени на различни форми на дискриминација и насилство и недостатокот на правна заштита го влошува нивното положение. Овие проблеми кои што ги набројав бараат комплексни решенија и поддршка од различни институции и организации за подобрување на статусот на руралната жена, рече Пепшевска.