Министерството за економија и труд го објави Јавниот повик за кофинансирање на иновативни, истражувачки и развојни проекти поврзани со паметна специјализација, зелена и дигитална трансформација во областа на домените дефинирани во согласност со Стратегијата за паметна специјализација, која е реализирана во партнерство помеѓу академијата и бизнисот, како и други фактори од четворниот хеликс.

Предмет на Јавниот повик, што е објавен врз основа на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествената одговорност за 2024 година, е развој и имплементација на проекти во рамки на кои ќе се воспостави и формализира долгорочна соработка меѓу чинители од четворниот хеликс и други заинтересирани страни.

-Проектите треба да поттикнат специјализација, зелена и дигитална трансформација во приватниот сектор со користење на услуги од академијата за пренос на знаење, иновации и технологии, за креирање на нови или подобрување на постојните производи, услуги и процеси со високо додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на домашниот и на меѓународните пазари, велат од Министерството.

Од резултатите од реализацијата на овој проект, додаваат, Министерството за економија и труд очекува да придонесе за зголемување на конкурентноста на деловните субјекти од преработувачката индустрија и домените од Стратегијата за паметна специјализација.

Јавниот оглас е објавен на веб страницата на Министерството за економија и труд и за оваа мерка се предвидени вкупно 15 милиони денари од буџетот на Министерството.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2024 04:31