Одделот на „Ербас“ за Вселената и за одбрана (Airbus US Space & Defense) неодамна изврши успешна демонстрација со самоуправувачки хеликоптер. Станува збор за програма дизајнирана за поддршка на американските маринци, а вежбата се одржа во воздухопловната база „Њу ривер“ и кампот „Лежун“ во САД како дел од Проектот за подобрување на воздушната логистика.
На вежбата беа оценувани одликите на самоуправувачкиот хеликоптер „Ербас УХ-72-Б Лакота“ и беше потврдена неговата способност за пренос на специјализиран товар. Беа прикажани и новите стратегии за исполнување на барањата на Маринскиот корпус на САД за воздушно логистичко поврзување и за поддршка на експедитивни операции.
Овој настан е дел од Програмата за брзо прототипирање на средно ниво на аквизиција, којашто има за цел да ги демонстрира способностите на прототипот на авион преку низа оперативни демонстрации и експерименти.
Демонстрациите ќе продолжат до крајот на оваа година, но и наредната 2025 година.
Хеликоптерот, инаку, е заснован на платформата „Ха-145/УХ-72“ (H145/UH-72), што е, всушност, лесен хеликоптер наменет за комерцијални, јавни и воени цели низ целиот свет. Новиот самоуправувачки хеликоптер има скоро два тони носивост, како што се стандардни воени контејнери и минофрлачи, многу брзо и на оперативно релевантни растојанија. Ниската цена за набавка на хеликоптер без екипаж го прави леталото попристапно и корисно во тешко пристапни средини. Досегот е речиси 350 наутички милји, т.е. 648 километри.