Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска претстојува во работна посета во Солун каде што оствари билатерална средба со Христос Стилинидис, министер за поморски работи и островска политка на Грција.

На средбата, која е прва меѓу двајцата министри, како што соопшти Министерство за транспорт, се разговарало за економската соработка меѓу двете земји.

Министерот Николоски ја истакнал силната заложба на Владата за економски развој на регионот преку учество во заеднички проекти, притоа потенцирајќи ја потребата од квалитено инфраструктурно поврзување.

Во духот на добрососедските односи а имајќи предвид дека регионалната соработка зависи од двете Влади, министерот Николоски изразил уверување „дека Македонија е подготвена да учестува во реализација на проекти со кои ќе се зацврсти конкурентската позиција на европските коридори“.

На средбата Николоски истакнал дека „голем дел од извозно ориентирани компании од Македонија соработуваат со солунското пристаништа со што се отвора потребата за поквалитетно поврзување и побрз транспорт на добрата и услугите“.

Двајцата министри се согласиле дека ова е почетна точка во идната соработка меѓу двете Влади, со што изразиле уверување дека постои огромен простор за зголемување на економската соработка во различни дејности.

Министерот Николоски во рамки на работната посета на Солун, учествува на Форумот посветен за развојот на инфраструктурата и поврзување со Југоисточна Европа



Автор: Администратор
Објавено на: 22/10/2024 17:35