Браќата од поп-дуото „Оејзис“ (Oasis) - Ноел и Лијам Галагер наводно ќе бидат „одделени“ вон сцената при нивната долгоочекувана турнеја во 2025 година. Тоа значи дека ќе имаат посебни, одделни гардероби и ќе патуваат одвоено, што според познавачите, не е невообичаено со оглед на нивните долгогодишни несогласувања и расправии, пишува „Дејли мејл“.
Лошиот однос меѓу раскараните браќа го достигна својот врв во 2009 година, откако Ноел (57) го напушти култниот бритпоп-состав по кавга зад сцената на концертот во Париз. Со Лијам (52) оттогаш се скарани. Сепак, двајцата браќа успеаја да ги тргнат своите несогласувања настрана за да се вратат на сцената.
Според нивните агенти, тие ќе имаат посебни соблекувални и одвоен превоз „за да се избегне потенцијален конфликт и ПР и финансиски кошмари“.
„Ќе работат заедно за промотивниот дел од турнејата и за настапите. Освен тоа, поголемиот дел од времето ќе бидат одделени. Секако, ќе одржуваат заеднички проби, но атмосферата ќе биде наелектризирана“, изјави неименуван извор за „Мирор“.
Лијам претходно изјави дека сега веќе поранешната сопруга на Ноел, Сара Мекдоналд е виновна што составот престанал да постои. Но, откако лани разводот на Ноел, „тежок“ 20 милиони фунти, беше привршен, постариот Галагер бил поуверен „во финансискиот успех на повторното обединување“ на дуото.
Ноел и Сара ѝ открија на јавноста дека се разделуваат во јануари 2023 година, по речиси 12 години брак.
Билетите за 14-те датуми во јули и август, за настапи во Велика Британија и Ирска се пуштени во продажба на 31 август. Поп-составот ќе одржи концерти во Кардиф, Велс; Манчестер, Англија; Лондон; Единбург, Шкотска; и во Даблин, Република Ирска.