Oвaa недела наутро, на 27 октомври, почнува зимското сметање на времето, при што стрелките се поместуваат еден час наназад. Со ова, луѓето „добиваат“ 60 минути повеќе за спиење, но и порано ќе се стемнува во вечерните часови поради приближувањето на зимската краткоденица.

Кога и како сѐ почнало?

Идејата за воведување зимско и летно сметање на времето се појавила во 18 век, но е спроведена многу подоцна. Тоа прв го предложил американскиот државник и научник Бенџамин Френклин во 1784 година. Во своето писмо објавено во „Журнал де Париз“, тој предложил „да се сочуваат свеќите навечер и луѓето да се разбудат порано наутро“, кога веќе е дење. Неговата замисла тогаш била сфатена како шега.

Концептот на зимско - летно сметање на времето е ставен на посериозна јавна дискусија во 1907 година. Англичанецот Вилијам Вилет - инаку градежник, објавил памфлет со наслов „Трошењето на дневната светлина“ во којшто се залага за усвојување на летно сметање на времето, за максимално искористување на Сончевата светлина и помала потрошувачката на енергија.

Сепак, Германија е првата земја што вовела летно сметање на времето во 1916 година - за време на Првата светска војна. Целта била да се заштеди јагленот, како основа на воената индустрија. Обединетото Кралство и другите евроатлантски земји потоа го следеле примерот.

Значи, летното сметање на времето е воведено за да се искористи максимумот од дневните часови во потоплите месеци. Се напушта наесен заради прилагодување на природните смени на светлина и темнина.

На нашето поднебје, сезонското сметање на времето првпат се применува во 1983 година, во тогашна СР Македонија, како дел од СФР Југославија.

Во Европа промената на времето е стандардизирана за сите земји членки на Европската Унија, но од 2021 година се разговара за укинувањето. Иако сѐ уште официјално се смета дека ова зимско - летно сметање е полезно за искористувањето на дневната светлина, многумина велат дека, од друга страна, тоа е штетно по општото психо-физичко здравје на луѓето и со години се залагаат тоа да се укине.

Според мнозина лекари и стручњаци, постојат одредени здравствени проблеми поврзани со промената на времето. Имено, истражувањата покажуваат дека човековиот мозок има „биолошки часовник“, познат и како „деноноќен ритам“, којшто работи во 24-часовен циклус. Без разлика дали станува збор за час помалку или час повеќе за спиење, тоа го изместува циклусот на ноќен одмор и на некои може луѓе да им го наруши или отежни нормалниот распоред. Следствено, нарушениот сон води до поголема опасност од срцеви болести, сметаат стручњаците.

Што велат научните истражувања?

Губењето еден час сон во пролетните временски промени е поврзано со зголемување на стапката на срцев и мозочен удар. Испитување од Универзитетот Харвард го проучувало влијанието на помалку сон врз срцевите заболувања кај глувците. Откриено е дека по 16 недели, кај глувците со нарушен циклус на спиење се развиле поголеми артериски плаки во споредба со глувците коишто спиеле нормално.

Глувците лишени од сон имале и двојно повеќе циркулирачки нивоа бели крвни зрнца и помали количини хипокретин - хормон битен за регулирањето на спиењето и будноста.

Статистиката покажува дека се зголемува и бројот на кардиоваскуларни проблеми коишто може да завршат трагично. Стручњаците велат дека секое поместување на часовникот е стрес за телото, Како последица, некои луѓе може да искусат: замор, стрес, поспаност, депресија, расеаност, зголемен апетит, главоболка, намалена продуктивност итн.

Според лекари и стручњаци, постојат одредени здравствени проблеми поврзани со промената на времето. Имено, истражувањата покажуваат дека тоа ги нарушува природните циклуси на спиење на телото

Зголемен број повици за итна помош и сообраќајни несреќи

Според некои податоци, во деновите по промената на времето има општо зголемен стрес кај луѓето и повеќе повици за итна помош. Истражувањата покажале и зголемување на сообраќајните несреќи во постудените месеци бидејќи возачите се прилагодуваат на времето.

Исто така, треба да се истакне и дека зголемените часови на темнина може да резултираат со лошо расположение кај многумина, како и замор, болки во мускулите и ослабени коски поради недостаток на витамин Д којшто доаѓа од Сончевата светлина. Многумина доживуваат сезонско афективно нарушување како резултат на пократките денови. Симптомите на оваа состојба вклучуваат постојано лошо расположение, губење задоволство или интерес за нормалните секојдневни навики, раздразливост, чувство на очај и спиење подолго од вообичаеното.

За среќа, сѐ тоа трае само неколку дена додека телото се навикне. Кај луѓето со хронични болести, сепак, таквата состојба може да трае и до две недели.

Зимското сметање на времето ќе трае до последниот викенд во март 2025 година. Ноќта од 29. кон 30 март го поместуваме часовникот за еден час нанапред и се враќаме на летното сметање на времето.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2024 17:10