Конференција за инвестиции и култура на Македонија се одржа во Санлитун, Пекинг во организација на Амбасадата на Македонија во Пекинг, Глобалната платформа за економија и иновации и Стопанската комора на Санлитун.

На конференцијата, како што информира Амбасадата на Северна Македонија во Пекинг, присуствуваа кинески претприемачи од Кинеската асоцијација на мали и средни претпријатија, Кинеската стопанска комора во Пекинг, Стопанската комора Џианваи, Асоцијацијата Џишанг во Пекинг и Федерацијата за туристички градови во Кина.

Конференцијата ја отворил Тао Кингхуа, претседателот на Хуаксиа - Меѓународен институт за истражување на таленти и македонскиот амбасадор во Кина Сашко Насев. За време на настанот се свиреле македонски песни во изведба на Адам Матејек од САД, се рецитирала македонска поезија во изведба на Јасмина Блажевска, а се изведувале кинески песни и танци.

Вршителот на должноста во Кинеската амбасада во Северна Македонија Ксу Леи преку видео ги поздравил присутните, истакнал дека развојот на билатералните односи е важен и оти очекува двете земји да учат една од друга и да продолжат во натамошно зајакнување на соработката. Второто видео обраќање било од Љупчо Папазов, градоначалник на општина Кочани, кој споделил детали за неговата работна посета во Кина. Третото видео обраќање било од Олга Лозановска, претседател на парламентарната група со Народна Република Кина, која се осврнала на економијата, здравството, земјоделството и билатералната трговија меѓу двете земји. Лекторката на Универзитетот за странски студии во Пекинг Рената Пенчова ги нагласила убавините и потенцијалот на туристичката индустрија во земјата и привлекувањето на кинески туристи во Северна Македонија. На настанот присуствувале и студентите од Катедрата за македонски јазик на Универзитетот за странски студии во Пекинг.

Претставникот од Глобалната платформа за економија и иновации Адит Растоги зборувал за важноста на платформата во промовирањето на културните размени и деловната соработка. Специјални гости на настанот биле амбасадорот на Црна Гора во Кина Бранко Булатовиќ и амбасадорот на Албанија во Кина Новруз Цета.

- Настанот се заокружи со потпишување на декларација за добра волја меѓу амбасадорот Сашко Насев и Адам Јуан Кианминг, претседателот на меѓународниот волонтерски сервис во Санлитун. Целта на декларацијата е изучување на македонскиот јазик и култура, а граѓанската инцијатива беше потпишана на македонски јазик. Конференцијата заврши со размена на пригодни подароци, уметнички дела од уметникот Иво Пецов, кои амбасадорот им ги подари на кинеските инвеститори, стои во сооопштението.

Во неформалниот дел била презентирана македонска храна, а посетителите имале можност да научат повеќе за кинеската медицина.

Овој форум, како што се наведува, не само што ја промовираше културната размена и инвестициската соработка меѓу двете земји, туку постави и цврста основа за идна соработка.

По завршувањето на конференцијата, следниот ден културната промоција продолжила и на фреквентната улица Санлитун, каде дневно поминуваат илјадници Кинези. Македонската заедница во Пекинг предводена од амбасадорот Сашко Насев и неговата сопруга Нада Насева, семејството Блажевски, лекторката Рената Пенчова, Мила Перчинкова волонтирале и ја промовирале македонската култура преку директна интеракција со кинеските жители и преку споделување на промотивен материјал. За време на промоцијата се емитувало и видеото од реализираната конференција.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2024 00:14