Македонија се движи во позитивна насока, сметаат повеќето граѓани кои на последната телефонска анкета на ИПСОС одговориле позитивно и на прашањето за работата на Владата во првите сто дена од изборот. Најголем проблем според нив се криминалот и корупцијата, како и економијата и животниот стандард. Политичар со најголема доверба кај граѓаните е премиерот Христијан Мицкоски, како и ВМРО-ДПМНЕ.

Во телефонската анкета спроведена од 9 до 13 октомври на 1200 испитаници, на прашањето во каква насока се движи земјата 25 отсто од испитаниците одговориле дека оди во позитивна насока, 24,9 донекаде позитивна, 12,5 донекаде негативна, негативна 24,3 отсто, а не знам или без одговор биле 13,2 отсто од испитаните граѓани.

За тоа какво е мислењето на граѓаните за работата на Владата во првите сто дена, 28,4 отсто одговориле дека тоа е позитивно, 27,1 донекаде позитивно, 9,3 отсто донекаде негативно, 21,6 отсто негативно и со не знам или без одговор биле 13,6 отсто од нив.

Доколку се земе во предвид работата на Владата во првите 100 дена, 51, 1 отсто од граѓаните сметаат дека таа е подобра од претходната влада на СДСМ и ДУИ, 12,7 отсто дека е полоша, 28,6 дека е иста а со не знам или без одговор биле 7,6 отсто од испитаниците.

На прашањето кој е најголем проблем со кој се соочува Македонија и Владата мора итно да го решава 37,5 отсто одговориле дека тоа е криминалот и корупцијата, 19,7 отсто економијата и животниот стандард, а потоа се невработеноста, високите цени, квалитетот во образованието, здравството...



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2024 00:35