Над 300 изложувачи и педесетина здруженија денеска ги претставуваат своите земјоделски производи и преработки од храна на манифестацијата „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“ која ја организира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ја отвори министерот Цветан Трипуновски кој истакна дека МЗШВ оваа година поддржува 56 вакви настани низ целата држава и дека доделило околу шест милиони денари за локална промоција на квалитетните македонски производи.

-Ова ќе продолжи и во наредната година и ќе биде со засилен интензитет, се со цел да го промовираме квалитетниот производ, локалниот економски развој и локалниот туризам. Меѓутоа, Министерството исто така се фокусира и на промоција на македонското вино и производи надвор од државата. веќе се изработува програмата за посета на саемски манифестации надвор од Република Македонија каде што ќе ги претставиме нашите производи, рече Трипуновски.

Во изјава за медиумите министерот рече дека во првите месеци од новата Влада се поставуваат како вистински партнери на земјоделците за да им ја вратат довербата во институциите и дека заедно со земјоделските здруженија и сите чинители во секторот заедно работат на креирање на новите закони, проекти, програми и мерки кои ќе следуваат од 2025 година.

-Тоа ќе значи враќање на земјоделството во една нормална граница како што тоа беше во минатото, со цел Македонија помалку да увезува храна односно да произведуваме домашна квалитетна храна којашто е и здрава и потребна за нашите сограѓани. Владата во целина дава сериозен приоритет во земјоделството. Во новиот буџет за 2025 е предвидена и сериозна поддршка на земјоделците и оние класични субвенции ќе им бидат навремени, за дел од нив ќе има и зголемување, инвестиции во шумарството и во водостопанството. Имаме забрзано темпо и сериозен приоритет за повторно со гордост да кажуваме дека Македонија е земјоделска држаава и земјоделецот со достоинство да кажува дека произведува храна, рече Трипуновски.

На прашањето дали земјава има капацитет за производство на здрава органска храна, министерот одговори дека ги има сите предуслови – квалитетна почва, сончеви денови во годината и водни ресурси, но дека МЗШВ треба, како што рече, да покаже сериозен пристап кон органското производство.

-Досега тоа го немаше затоа што, еве сега ќе ги исплатиме субвенциите за органските производители за претходните години. Тоа е доволен показател дека претходната власт воопшто не се грижела во ова. Да, Македонија може да произведува квалитетно органско земјоделско производство и преработки кои ќе бидат пласирани и дома и надвор од границите. Ние како Министерство, покрај другите гранки кои треба да ги покриваме, даваме ветување дека ќе се заангажираме процентот на органско производство да го подигнеме на многу повисоко ниво, додаде Трипуновски



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2024 18:30