Под слоганот „Секогаш спремни“ ФК Аеродром денеска го реотвори новото фудбалско игралиште, каде обраќања имаа министерот за спорт Борко Ристовски и в.д. градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митевски, информираат од ФК Аеродром.

Како што стои во соопштението, Ристовски во своето обраќање ја нагласил важноста на спортскиот терен за локалната заедница и идните млади спортски таленти, посочувајќи дека ваквите проекти ја унапредуваат спортската инфраструктура во земјава.

– Ова ново фудбалско игралиште не е само спортски терен, туку простор за развој, дружба и остварување на соништата на многу млади таленти. Ова игралиште е од голема важност за локалната заедница и за нашата иднина, како и за идните млади спортски таленти. Со ова придонесуваме младите да имаат можност да тренираат, да ги развиваат своите способности и да учат во тимска работа и дисциплина. Како министер за спорт, целосно сум посветен на тоа да го поддржиме спортот на локално и на национално ниво. Овој проект е само еден од многуте кои ќе ја унапредат спортската инфраструктура во нашата земја, изјавил Ристовски.

Градоначалникот Митевски изрази благодарност до клубот за неговиот придонес и посветеност на проектот, со кој, како што рече, се создаде уште едно место каде аеродромци ќе можат да спортуваат и дружат.

– Фудбалскиот терен на кој се наоѓаме доби нов cjaj, а нашата Општина се збогати со уште еден модерен и современо уреден спортски центар. Упатувам голема благодарност и искрени честитки до ФК Аеродром, од каде со голема посветеност работеа на овој проект и создадоа уште едно место на кое аеродромци ќе можат да спортуваат и да се дружат. Особено сум среќен што нашиот Аеродром продолжува достојно да го носи епитетот - на спортска Општина. Сигурен сум дека токму од тука ќе излезат нови спортски таленти кои ќе jа претставуваат Македонија на светските терени и за кои сите заедно гордо ке навиваме, истакнал Митески.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2024 18:49