По повод 3 Ноември, Денот на општина Гази Баба се оддржа свечена академија на која се обрати градоначалникот Бобан Стефковски, кој обраќајќи се пред присутните, се осврнал на постигнатите резултати во изминатите три години од неговиот мандат, како и за плановите за престојната година.

-За да може да се направи разлика и да се даде оценка на времето кое е сега зад нас, потребно е да се вратиме на почетокот во 2021 година кога го добив мандатот за градоначалник. Во моето обраќање на одбележувањето на денот на општината во 2021 година најавив нов почеток за Гази Баба базиран на четири постулати- да нема населено место во Општина Гази Баба без чиста вода за пиење, даа изградиме нови училишни спортски сали и нова училишна зграда за општинското основно училиште Крсте Мисирков, да изградиме детски градинки за дечињата од Инџиково, Керамидница, Трубарево и Сингелиќ и да изградиме спортски терени и детски катчиња во сите населени места, рекол градоначалникот на Општина Гази Баба.

Според него, најдобриот начин да се предвиди иднината е неа да сами да ја креираме.

- Пред три години кога ги поставив овие четири постулати, одлучив на себе да го превземам товарот за конечно да ги решиме децениските проблеми и да отвориме едно ново подглавје за нашата Гази Баба, истакнал Стефковски.

Осврнувајќи се на состојбата денес, после три години од неговиот мандат градоначалникот Стефковски ги образложил реализираните проекти во секој од четирите постулати зад кој застанал во првата година од својот мандат.

-Заклучокот е едноставен, пред три години зборував за постулати, а вечерва зборувам за дела. Покажавме дека само со одговорна, чесна и посветена работа можат да се создадат дела, заклучил градоначалникот Стефковски.

Како што информираат од Општина Гази Баба, на свечената академија биле доделени плакети за успешна соработка во 2024 година со општествено одговорни компании и организации на Алкалоид, Пивара, Макстил, Виталиа, МакАутостар, Државна Лотарија на Македонија, Либерти, СОС Детско село, Црвен крст Гази Баба, Здружение за промоција на мото културата Гардијан Енџелс, Општинскиот сојуз за училишен спорт на Гази Баба и Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија. Дополнително за афирмација на општината, плакета добиле и Гоце Саздов во областа на фолклорот и културата и 12 годишниот Никола Петровски кој во период од 2019 до 2022 година бил државен првак во шах, а веќе следната недела заминува на светско првенство во Италија.

На свечената академија присуствувале пратениците во македонското собрание Жаклина Пешевска, Зоран Коцевски, Дијана Илиевска и Бојан Стојановски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, заменикот министер во социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, заменикот министер за локална самоуправа Ерџан Селими, градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески, директорот на ЈПДП Коце Трајановски и многу други гости.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/11/2024 19:00