„Сметам дека големата излезеност на гласачите најавуваше убедлива победа. Она што претходно беше најавувано како изедначена трка можеби беше претпазливост на некои анкетарски куќи, или од нивна страна некои сакаа да бидат и политички коректни“ , истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на вечерашното гостување на МТВ каде имаше дебата за актуелната тема изборите во САД и победата на Доналд Трамп.

Исто така Милошоски додаде дека Трамп добил апсолутна победа, огромна доверба од граѓаните и дека има сериозна задача и одговорност кон граѓаните во САД.

„Гледам дека самата разлика не само по број на електорски гласови туку и по гласовите добиени од граѓаните, господинот Доналд Трамп како нов претседател доби сериозно мнозинство.Истото се повторува и во Конгресот и во Сенатот и ќе има една сериозна власт и одговорност“ , изјави Милошоски.

Милошоски напомена дека актуелната македонска Влада е во блиски релации со членови од тимот на Трамп, така што партнерството со САД е од важен национален интерес.

„Сметам дека актуелната Влада во Македонија има една предност. Предноста е што постојат и лични познанства пред да се стапи на било каква должност. Во тимот на Трамп и премиерот Мицкоски и министерот за надворешни работи Муцунски и други нивни сооработници имаат лични познанства со добар дел од луѓето кои што се блиски во кругот на опкружувањето на Трамп“ , дециден е Милошоски.

Милошоски дополнително додаде дека од средбите кои што ги воспоставил премиерот Мицкоски со Лутник и останатите соработници се разговарало за проекти. Тој нагласи и дека проектите се од стратешки интерес и ќе овозможат дополнителен развој на нашата економија и зголемување на животниот стандард на граѓаните.

„Сметам дека од она што го имаме добиено како брифинг е добро што за време на посетата на Лутник и други соработници кои имаа средба со премиерот Мицкоски веќе разговарале за можни проекти, кои што би биле од заеднички стратешки интерес, во областа на економијата, енергетиката, дигитализацијата и други можни взаемни билатерални проекти кои што би биле корисни за Македонија, корисни за регионот, би имале поддршка и би биле корисни за САД“ , заклучи Милошоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2024 10:09