Во планинското село Таксиархис на вториот крак на Халкидики, односно во селото на елките, како што го нарекуваат, вчера беше свечено осветлена новогодишната елка, што традиционално секоја година е првата елка во Грција што се осветлува, јави дописничката на МИА од Атина.
Новогодишната елка, поставена на централниот плоштад во селото, со висина од 13 метри, украсена е со 20.000 светилки, а осветлувањето секоја година е во пресрет на празникот Свети Архангел Михаил.
- Тоа е мало село, со околу 500 – 600 постојани жители, каде што сите се занимаваат со производство на елки. За осветлувањето на новогодишната елка имаме организирани тури и десетици посетители. Карактеристично е тоа што доаѓаат толку луѓе, како уште едно село, вели за грчката новинска агенција АНА – МПА заменик градоначалникот за култура, спорт и туризам на општина Полигирос, Јанис Лелејанис.
Новогодишната елка што се поставува во центарот на Солун, традиционално, секоја година е токму од селото Таксиархис на Халкидики.