Албанската влада следната година планира да потроши 1,6 милијарди евра за проекти од областа на инфраструктурата. Инвестициите вклучуваат проширување на автопатот Тирана-Драч, коридорот 8, реконструкција и изградба на новото пристаниште во Порто Романо.
Според буџетот за 2025 година, зголемено внимание ќе добијат јавните инвестиции во инфраструктура, патишта, железници и други програми, со зголемување од 100 милиони евра во однос на оваа година. Во оваа сума е вклучен и фондот за реконструкција оштетени објекти од катастрофалниот земјотрес, што земјата ја погоди во 2019 година, процес кој сè уште не е завршен. Се очекува вкупните расходи да достигнат 6,2% од Бруто домашниот производ (БДП), што ќе бележи рекордно ниво во споредба со претходните години.
Проектите кои се очекува да се финансираат од овој буџет вклучуваат проширување на автопатите Тирана-Драч и Елбасан-граничен премин Ќафасан, на албанско-македонската граница, почеток на работите за обиколницата Елбасан и сегментот Елбасан-Лекај. Исто така, планирано е да започне изградбата на новото пристаниште во Порто Романо, што е долгорочен проект и се очекува да трае и по 2025 година. Инаку, албанската влада за следната година планира историски највисок буџет, проектиран на 822,7 милијарди лека или 8,2 милијарди евра, што е за 600 милиони евра повисок во однос на оваа календарска година.