Стопанската комора и Транспаренси Интернешнл – Македонија заеднички ќе се борат за намалување на корупцијата. Тоа го предвидува Договорот за соработка што денеска во просториите на Комората го потпишаа претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и претседателот на Транспаренси Интернешнл Благоја Пандовски.
Токму корупцијата, како што кажа Азески, во последните три години е помеѓу петте приоритети на Комората. Секаде каде што има „тесни грла“, додаде, има можности за коруптивно однесување. Неопхдоно е, порача, да се проверат сите индиции за корупција за да дојде до нејзино спречување.
-Корупцијата е сериозен проблем насекаде. Јас можам да потврдам дека откога знам за себе корупциски скандали има насекаде. Тоа е тежок процес и ако би можело да се разреши корупцијата како што ние посакуваме би била разрешена и не би не чекала нас како генерација да дојдеме. Мислам дека треба се да се направи за да се создаде амбиент во којшто на база на една платформа на сите сили во државата би се одредиле неколку од овие приоритети коишто ги имаме коишто би дале резултати и би го мотивирале натамошниот процес. Затоа инсистираме да седнеме да разговараме за овие прашања на седница,... Долго време како да немаме стратегија за да направиме нешто повеќе на планот на сузбивање на корупцијата иако имаме доволно организации кои работат на тоа поле. Сум бил на стотици меѓународни собири и секогаш се молчело за корупцијата. Може да се постават прашања за што сакаш и ќе има расправа, но не и за корупцијата. Веројатно е вкоренета на Балканот и борбата против неа треба да стане приоритет во секојдневното работење кај секого, рече Азески по потпишувањето на Договорот.
Нагласи дека не верува оти државата нема доволно средства и можности да ги реши проблемите со „тесните грла“ на граничните премини за да се отстрани можноста за коруптивно однесување.
-Вклучени сме во сите процеси што ги прави државата во борбата против корупцијата, но сметам дека отсуствува прецизна и јасна мини програма за приоритет во приоритетите кој ќе не доведе во ситуација да го направиме потребниот чекор за добивање на изоштреност која е потребна за фокусирање на работите и за нивно елиминирање, посочи Азески.
Неколкумина странци, како што кажа, му рекле - вие немате кражба, вие немате корупција, туку имате кражба на државниот буџет.
-Со тоа како да ставаат до знаење дека транспарентноста и јавноста во работењето е многу важно прашање, рече Азески.
Како проблем го посочи не процесуирањето на веќе утврдените случаи на корупција.
-Тоа е наша обврска како институција да го укажуваме затоа што владеењето на правото е темел на нашето работење. Ако нема владеење на правото загрозен е профитот и самото работење. Затоа секогаш поддржуваме сили и структури кои се здружуваат во борбата против корупцијата. Со овој чин денеска очекуваме да направиме нешто повеќе на тоа поле, порача Азески.
Претседателот на Транспаренси Интернешнл Пандовски истакна дека и досега плодно соработувале со Стопанската комора, а некои од соработките потекнуваат уште од 2007 година кога соработувале во изработката на Кодексот за деловна етика на АД, Кодексот за деловна етика на малите и средните претпријатија и подоцна на Проектот Нулта толеранција за корупцијата.
-На почетокот на минатата година кога излезе Националниот систем за интегритет помеѓу 15. чинители во државата кои се клучни во борбата против корупцијата беше земен и бизнис секторот. Токму бизнис секторот е она кохезивно ткиво во општеството кое може да придонесе за корупцијата и кое секогаш може да учествува во корупцијата, меѓутоа и со добриот интегритет и доброто однесување може да ја спречи. Веруваме дека со потпишувањето на овој договор ќе работиме на делот за сузбивање на корупцијата во бизнис секторот, на зголемување на интегритетот на претставниците од бизнис секторот со што би се влијаеле на суштински начин во државата за спречување на корупцијата, рече Пандовски.