Основното обвинителство во Урошевац, Одделот за тешки кривични дела, побара од Основен суд во Урошевац, определување мерка притвор во траење од 30 дена против осомничениот Ф.И., за ранувањето на четири лица со нож, што во тој град во јужно Косово се случи минатиот понеделник, јави дописникот на МИА од Приштина.
Обвинителството соопшти дека тој е осомничен за кривично дело „тешко убиство во обид“.
Според соопштението на Обвинителството, Ф.И. на 11 ноември во 15 часот и 30 минути се обидел да им го одземе животот на две малолетнички, а кривичното дело било извршено намерно, бидејќи жртвите биле припаднички на малцинската заедница Роми, Ашкалии, Египќани (РАЕ) во Косово. Девојчињата, за кои медиумите јавија дека се на 10-годишна возраст, се движеле по улица, каде што напаѓачот им пришол одзади и ги ранил со нож од грб.
„Исто така, според Обвинителството, обвинетиот Ф.И. истиот ден околу 15.30 часот, намерно поради неговата етничка припадност, се обидел да му го одземе животот на повредениот Н.М., член на заедницата РАЕ, на тој начин што додека оштетениот влегувал во кафетерија, пријавениот го нападнал со истиот нож, удирајќи го во пределот на главата, грлото и десниот образ, при што му нанел тешки телесни повреди. Истиот ден околу 15 часот и 53 минути, намерно поради неговата етничка припадност се обидел да му го одземе животот на повредениот Е.А., припадник на заедницата РАЕ. Додека оштетениот се движел, пријавениот со истиот нож го нападнал удирајќи го одзади во пределот на плешката, при што му нанел тешки телесни повреди“, се вели во соопштението.
Мажот кој се сомничи дека во понеделникот ги избоде четирите лица во Урошевац, за кои првично беше јавено дека се „случајни минувачи“ претходно бил осуден на 15 години затвор за убиство на сопствената жена.
Од Основното обвинителство во Урошевац соопштија дека првично по грешка било уапсено друго лице, бидејќи се совпаѓало со профилот на осомничениот, но откако се утврдило дека е невин, 59-годишниот маж е пуштен на слобода, додека утредента е уапсен Ф.И., за кого постои основано сомневање дека го извршил нападот.