Новоизбраниот лидер на републиканското мнозинство во Сенатот, Џон Тун од Јужна Дакота, денеска се среќава со избраниот претседател на САД, Доналд Трамп, но изгледа дека односите меѓу двајцата се прилично сложени.

Неколку недели пред изборите во 2016 година, кога Трамп се тркаше со демократката Хилари Клинтон, излезе снимката од „Аксес Холивуд“ што предизвика скандал за републиканскиот претседателски кандидат. Тун тогаш побара Трамп да ја напушти трката, но потоа кажа дека тој сепак ќе гласа за него. Тој ги осуди настаните околу 6 јануари 2021 година за кои најодговорен беше Трамп. Во импичменот што потоа му го изгласа Претставничкиот дом, Тун се солидаризираше со сенатските републиканци и гласаше „невин“ за Трамп.

Ваквиот топло-ладен однос Трамп не му го заборави и на конгресните избори во 2022 година од гувернерката на Јужна Дакота, Кристи Ноем, побара да му се спротивстави на Тун, но овој лесно победи на првичните избори за во Сенатот а потоа и на општите.

Конечно, лани во мај Тун даде подршка за Тим Скот од Јужна Дакота за номинација претседателски кандидат од републиканците, но кога стана јасно дека Трамп ја добива номинацијата, Тун се обиде да ги среди односите со него. Годинава во март тој се сретна со него во неговата резиденција во Мар-а-Лаго на Флорида и потоа неколкупати разговараше со тогашниот претседателски кандидат.

Тун е на возраст од 63 години и во својот четврти мандат во Сенатот. При изборот денеска вети дека ќе работи со Трамп за да ги реализира неговите зацртани политики, и покрај разликите меѓу двајцата.

Како и неговиот претходник Мич Меконел, Тун доаѓа од поконзервативното крило на Републиканската партија. Од 2019 година ја извршува функцијата републикански заменик лидер (Whip), што е позиција број 2 во партиското раководство.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2024 04:57