Целта на нашата дипломатија е да се затвори прашањето со соседна Бугарија и соодветно на тоа да се направи и официјалниот почеток на преговорите, истакна денеска универзитетскиот професор, Васко Наумовски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Но, според негово мислење иако ќе се формира нова Влада во Бугарија нема да се стабилна и затоа како што вели помалку веројатно е да се постигне решение со нашиот билатерален спор.

- Имавме избори во Бугарија, во однос на рејтингот на политичките сили таму, согласно оние први најави коишто ги слушаме од страна на лидерите на политичките партии во Бугарија не би бил голем оптимист дека во скоро време да се надеваме на формирање на стабилна политичка Влада и многу веројатно дека во текот на наредната година ќе бидеме сведоци на нови предвремени парламентарни избори во Бугарија. Што значи ќе биде уште помалку веројатно да се постигне некое решение, во врска со нашиот билатерален спор. Останува таа комуникација, којашто ја има нашиот политички врв со Претседателот, Радев. Меѓутоа лично сметам дека додека немаме стабилна политичка Влада во Бугарија не би имале партнер со којшто би можеле да разговараме за некакви измени во она што е договорено од претходната Влада, вели Наумовски.

Тој истакна дека согласно претходните циклуси на проширување, ЕУ тежнее да прими во еден циклус повеќе држави. Но, како што вели во нашиот случај, нашата земја е во апсурдна ситуација, бидејќи веќе се зборува за членство на Украина и на Молдавија, а земјите од Западниот Балкан се многу понапред од овие држави и имаат билатерални пречки.

-Тука е вториот проблем којшто го има ЕУ, непостоењето на механизам да се надминат тие билатерални проблеми, односно проблемите коишто постојат помеѓу држава членка на ЕУ и држава кандидат и наместо да се фокусираме на Копехагенските критериуми и исполнување на европските стандарди, ние се занимавме со прашања поврзани со историјата, коишто на ниту еден начин не се поврзани со исполнување на услови, вели Наумовски.

Прашан дали администрацијата на новиот претседател на САД би помогнале на нашата држава за влез во ЕУ, Наумовски со одговор дека новата американска администрација од јануари сериозно ќе се зафати со решавање на некои од проблемите во светот, а меѓу кои и целосно обединување на Европа.

- Она што може да се претпостави е дека доколку сведочиме на еден позасилен ангажман на американската дипломатија на Балканот за затворање на прашањата кои се пречка за проширувањето на ЕУ можеме да се надеваме на некакво охрабрување од страна на американската администрација на државите кандидати, на државите членки и на европските институции да ги затворат сите прашања и конечно да се оди кон заокружување на процесот на проширување на ЕУ со државите од Западниот Балкан, изјави Наумовски.

На денешната панел-дискусија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а која беше на тема: „Регионална соработка и европска интеграција – Агендата на ЕУ за Западен Балкан“, присуствуваа и пратеничките Моника Зајкова и Марија Петрушевска.

Пратеничката Зајкова истакна дека би било здраво да има политички стабилна Влада во Бугарија со цел да се откочи процесот на разговори и она што би било бенефит за Македонија, а тоа е час поскоро да започне со преговорите по поглавјата.

Пратеничката Петрушевска истакна дека денеска со студентите имаат можност да дискутираат на една значајна тема, а тоа е европската агенда и Западен Балкан. Очекува демократска дебата на којашто ќе се разменат мислење со студентите, кои се иднината на нашата земја. Настанот е организиран од Фондацијата „Конрад Аденауер“, Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ во Брисел, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Академијата за европски интеграции во Скопје



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2024 22:16