Секој четврток месецов, вклучувајќи го и денешниот, најстариот здравствен дом во државава, Железничар врши бесплатно испитување на крвта на машки лица над 45 години, со цел рано дијагностицирање на канцер на простата. Тоа, како дел од светската кампања за подигнување на свеста за заштита на машкото здравје, чие мото годинава е Грижи се за себе.
Само денеска дошле да се тестираат над 120 машки лица, а директорот на установата, специјалист доктор Спасе Јанев во изјава за медиуми рече дека очекуваат до 400 луѓе до крајот на денов. На преглед се дојдени граѓани од Скопје, но и од други градови во државава. Резултатите ги добиваат во рок од половина час, електронски или на хартија.
-Апелирам до сите машки лица да се грижат за нивното здравје, да се тестираат и да не чекаат, особено оние над 45 години, кои се најранливи на ова заболување. Проверување на само една капка крв, може да спаси нечиј живот. Затоа, нема оправдување дека се нема време, подвлече Јанев.
Како што беше истакнато, ова е само првиот чекор за детекција на канцер на простата, потребни се и други испитувања.
Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека годинава овој ПСА тест се прави само во Здравствен дом Железничар, но, изрази надеж оти од наредната година, повеќе здравствени установи ќе се приклучат на оваа иницијатива.
На настанот присуствуваа и заменик министерот Јовица Андовски, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат - Кирил Лазов, претставник од Советот на министерот - Ванчо Спиров, од Македонската асоцијација на уролози - Мартина Амбаровска