Германскиот канцелар Олаф Шолц, критикуван за неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, денеска ја потврди поддршката на Германија за Украина и даде уверување дека нема да се донесе одлука за исходот од војната во Украина без Киев.
- Украина може да смета на нас, тоа е принципот кој преовладува, и нема да се носи никаква одлука без Украина, рече Шолц на аеродромот во Берлин пред да замине на Самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро, пренесува ДПА.
За разговорот со Путин, Шолц кажа дека му повторил на рускиот претседател дека не треба да смета на опаѓање на поддршката за Украина од Германија, Европа и многуте други сојузници во светот.
Според германскиот канцелар, не би било добра идеја во блиска иднина да има разговори меѓу американскиот и рускиот претседател, без во нив да биде вклучен и Киев.
Пред два дена Шолц телефонски разговараше со Путин за војната во Украина, првпат во последните две години. Владиниот портпарол Штефен Хебстрајт рече дека во разговорот Шолц ја осудил „руската агресивна војна против Киев“ и го повикал Путин да ја прекине со повлекување на трупите кои извршија инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Разговорот на Шолц со Пути наиде на неодобрување од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
- Според мое мислење, повикот на Олаф ја отвора Пандорината кутија. Сега може да има други разговори, други повици... и токму тоа го сака Путин долго време. За него е клучно да ја ослабне својата меѓународна изолација, изолацијата на Русија, рече Зеленски во видео порака објавена на социјалните мрежи