Конгресната библиотека во Вашингтон ги известила законодавците дека нејзиниот електронски систем бил цел на кибер напад. Хакери добиле пристап до електронската кореспонденција меѓу некои конгресни канцеларии и вработените во библиотеката во периодот од јануари до септември 2024 година, јавуваат дел од американските медиуми. Според претставници на библиотеката, случајот е предаден на надлежните органи. -Библиотеката го отстрани пропустот што го искористиле злоупотребувачите за пристап до мрежата и презеде мерки за спречување на слични инциденти во иднина, се наведува во денешната изјава на библиотеката на Конгресот. Електронските сметки на Претставничкиот дом и Сенатот „не беа компромитирани“, велат претставниците на библиотеката. Конгресната библиотека е најголемата библиотека во светот. Во нејзините колекции се чуваат милиони книги, филмови и видеа, аудиоснимки, фотографии, весници, карти и ракописи. Таа е сместена во три зданија во централниот дел на Вашингтон наречен Кпитол хил, на територијата на владиниот комплекс спроти американскиот Капитол. Библиотеката претставува клучна научно-истражувачка служба на Конгресот.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2024 03:38