Судот во Хонг Конг денеска осуди 45 активисти за демократија на затворски казни до 10 години за прекршување на контроверзниот закон за национална безбедност на Пекинг.
Судењето на групата позната како „Хонг Конг 47“ беше најголемото досега за наводни прекршувања на законодавството, кое првпат беше спроведено во јуни 2020 година.
Групата опозициски активисти беше обвинета пред повеќе од три години. Судењето траеше од февруари до декември 2023 година. Групата вклучува поранешни парламентарци, академици и активисти.
Меѓу нив се поранешниот студентски лидер Џошуа Вонг, кој доби четири години и осум месеци и правниот научник Бени Таи, кој судот го осуди на 10 години затвор.
Вонг и 30 други обвинети веќе ја признаа вината на почетокот на постапката. Од преостанатите 16 обвинети, судиите кон крајот на мај годинава прогласија за виновни 14, додека двајца беа ослободени.
Четириесетиседуммината беа обвинети за субверзија во врска со неофицијалните првични избори за Законодавниот совет на Хонг Конг (LegCo) во 2020 година, кој подоцна беше откажан поради пандемијата на коронавирусот. Обвинението предвидува максимална казна доживотен затвор.
Кога Кина во 1997 година ја врати контролата врз Хонг Конг, поранешна британска колонија, вети дека ќе дозволи демократските слободи да продолжат 50 години.
Сепак, таа ги заостри контролите, честопати како реакција на демонстрантите кои бараат поголема демократија во Хонг Конг. Во средината на 2020 година, Пекинг го наметна строгиот закон за национална безбедност таму за дополнително да го замолчи несогласувањето.
Законот е наменет за активисти кои Пекинг ги смета за субверзивни, сепаратистички, терористички или заговорнички.