Над 1.000 учесници на различна возраст,од младо до старо, продефилираа низ улиците во Гевгелија со возење велосипед на петтата манифестација „Гевгелија на точак“, која се одржа по повд одбележувањето на општинскиот празник-7 Ноември, информираа денеска од локалната самоуправа.
По дефилето на Градскиот плоштад беше одржан натпреварувачкиот дел од настанот во соработка со Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија, односно бавно возење. Голем интерес за учество на овој натпревар пројавија учениците од гевгелиските училишта, а најдобар во бавното возење беше Александар Грујиќ од Гевгелија, за што беше награден со велосипед. Додека на најмалите учесници им беше овозможено да ја искажат својата творечка креативност со цртање.
На манифестацијата присуствуваше и градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, кој го изрази своето задоволство од организацијата на настанот.
- Во релаксирана атмосфера, со возење и дружење, гевгеличани покажаа дека Гевгелија има спортски дух. После одржувањето на четвртото издание на трката “November Run” градот ја продолжи спортската атмосфера со одржување на ,,Гевгелија на точак". Менувањето на секојдневните навики во поглед на изнаоѓање нови алтернативи за извршување на секојдневните активности има големо значење за идните генерации и воопшто за зачувување на животната средина, стои во пренесената изјава на Сарамандов.
И годинава, спортско-рекреативната манифестација „Гевгелија на точак“ ја организираа Здружението „Чејнџмејкерс“ и „Гевгелија Точак Клуб“