Литванскиот претседател Гитанас Науседа денеска го номинираше Гинтаутас Палуцкас за премиер на балтичката земја-членка на ЕУ и НАТО и му даде задача да формира влада, јави ДПА.

Четириесет и петгодишниот Палуцкас е заменик-претседател на социјалдемократите, кој освои најмногу гласови во двата круга од парламентарните избори на 13 и 27 октомври, а сега ќе се обиде да формира левичарска коалиција.

Планираната трипартитна алијанса има 86 од вкупно 141 место во парламентот во Вилнус, кој в четврток треба да гласа за кандидатурата на Палуцкас.

Социјалдемократите победија на изборите предводени од партискиот лидер Вилија Блинкевичиуте. Сепак, 64-годишната европратеничка се откажа од премиерската функција поради возраста и здравствената состојба и му понуди на Палуцкас да раководи со владата.

Таа во контроверзен потег и спротивно на предизборните изјави на социјалдемократите предложи во владата да се вклучи популистичката партија „Зора на Неман“. Нејзината одлука наиде на многу критики, вклучително и од странство, бидејќи на лидерот на партијата во моментов му се суди за наводни антисемитски изјави.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2024 03:23