Првата дама на Украина, Олена Зеленска денеска заедно со украински студенти и професори го посети Универзитетот во Љубљана, но од непознати причини го откажа најавеното предавање на Факултетот за општествени науки.
Како што јави Словенечката новинска агенција (СТА) сè уште нема одговор од Амбасадата на Украина во Словенија за причините за откажувањето на говорот на Зеленска.
Дел од словенечките медиуми објавија дека се случил мал инцидент откако маж викал дека Русија ќе победи во војната во Украина. Тој е идентификуван од полицијата, но сè уште не е познато дали против него ќе биде поведена постапка.
Зеленска во Словенија допатува вчера, кога проруското движење „Словенија против русофобијата“ одржуваше протест пред факултетот.
Сопругата на украинскиот претседател ја посети Љубљана на покана на претседателката на Словенија, за да присуствува на годишниот состанок на одборот на советници на ИТФ „Подобрување на безбедноста на човекот“ (Enhancing Human Security), каде како што е најавено ќе бидат претставени хуманитарните потреби на Украина.