НОМАГАС АД Скопје денеска го затвори тендерот за избор на изведувач на градежни работи за изградба на гасоводната интерконекција со Грција откако истече крајниот рок за прием на понудите. На тендерот се јавија пет компании од кои една е домашна, две се италијански компании и по една српска и турска.

-Тендерската постапка беше отворена, а компанијата која ќе биде избрана ќе има рок од две години за изградба на македонскиот дел од интерконекторот, во должина од 67 километри. Се очекува до крајот на годината да биде финализиран изборот, како и потпишувањето на потребните договори, со компанијата која ќе ги изведува градежните работи, со што, според очекувањата, изградбата ќе започне напролет, посочуваат од НОМАГАС.

Средствата за изградба на интерконекторот се обезбедени преку кредити и грантови од меѓународни финансиски институции, меѓу кои 28,9 милиони евра од Европската инвестициска банка, 44 милиони евра Европската банка за обнова и развој, 9,9 милиони евра инвестициски грант преку ВБИФ, како и 100 проценти грант за техничка помош преку програмата ВБИФ за надзор, инспекциско тело и административна помош за НОМАГАС АД Скопје.

-Проектот е еден од најзначајните инфраструктурни зафати во енергетскиот сектор, како во државата, така и во регионот, кој треба да обезбеди алтернативен извор на природен гас и диверзификација на снабдувањето. Гасоводот ќе овозможи не само транспорт на природен гас, туку и водород, со што ќе се придонесе кон транзицијата кон зелена енергија и исполнување на европските стандарди, велат од НОМАГАС.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2024 03:52