Косовската полиција соопшти дека денеска повторно открила илегално оружје, муниција и воена опрема во областа во северно Косово, населена со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на полицијата се наведува дека нелегалните воени средства овој пат се откриени во поткровје на станбена зграда во Северна Митровица.

„На 21.11.2024 година, по добиени информации за сомневање за оружје и муниција, полициските единици веднаш презедоа акција и извршија контрола на улицата ‘Крал Петар’ во Северна Митровица. При претресот во поткровје на зграда пронајдено е оружје, муниција и разновидна опрема“, се вели во соопштението.

Доказите кои според полицијата се пронајдени и одземени се автоматска пушка АК-47, пет рамки со муниција и 136 куршуми за АК-47, војничка чанта, две рачни радио-врски, радио-врска за автомобил, два полначи за радио-врски и дополнителна цевка за АК-47.

Според полицијата, во оваа фаза од истрагата се извршени повеќе разговори на лица во објектот, а „ќе се преземаат и сите понатамошни дејствија во соработка и координација со органите на правдата“.

Полицијата на Косово, во врска со неколкуте случаи на откривање на илегално оружје, муниција и војничка опрема во северно Косово во последно време, тврди дека средствата кои се откриени најверојатно имаат врска со терористичкиот напад на српска група на 24 септември минатата година во Бањска кај Звечан, во кој беше убиен припадник на косовската полиција, а во престрелката што уследи и тројца од напаѓачите.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2024 03:55