Првиот глобален состанок на Светската здравствена организација (СЗО) посветен на оралното здравје започнува денеска во Бангкок. Целта е забрзување на напорите за обезбедување универзална здравствена заштита за орално здравје до 2030 година.
Владата на Кралството Тајланд е биде домаќин на настанот, кој претставува и подготовка за Четвртиот состанок на Генералното собрание на ОН за превенција и контрола на незаразни болести, што ќе се одржи во 2025 година, се наведува во соопштението на СЗО.
Главната цел на состанокот за орално здравје е да се потврди политичката посветеност на земјите-членки во оваа област врз основа на Резолуцијата за орално здравје од 2021 година и да се забрзаат националните напори за превенција и контрола на незаразните болести, со фокус на здравствената заштита за сите луѓе до 2030 година.
Настанот се состои од тридневен состанок на СЗО со национални претставници на оралното здравје, претставници на националните програми за здравствена заштита и гости експерти.
Според СЗО, посакуваниот исход од состанокот е да се зајакне капацитетот на министерствата за здравство за исполнување на обврските од резолуцијата на Светското здравствено собрание 2021 за орално здравје и да се забрза имплементацијата на Глобалниот акционен план за орално здравје како дел од пошироки програми за незаразни болести и здравствена заштита.
Се очекува на состанокот лично да присуствуваат околу 400 учесници, вклучително и министри за здравство и високи лидери на недржавни актери кои ќе разговараат и ќе ја потврдат својата поддршка за спроведувањето на Глобалниот акционен план за орално здравје од 2023 до 2030 година и националните планови во областа на оралното здравје.