Министерството за надворешни работи на Косово испратило барање преку Канцеларијата за врски на Косово во Белград да се потврди апсењето на двајца жители на Подуево во Србија, за што известија денеска локалните медиуми во тој косовски град, јави дописникот на МИА од Приштина.
Од МНР соопштија дека побарале и други детали за потврдување на случајот, меѓу кои и идентитетот на уапсените лица и локацијата на која се задржани.
Во соопштението на косовското МНР, се вели дека за случајот се известени и делегацијата на Европската унија во Србија, како и земјите од таканаречената група Квинта - САД, Германија, Велика Британија, Франција и Италија - кои имаат амбасади во Косово и Србија.
„Канцеларијата за врски на Република Косово во Србија веќе испрати до Владата на Србија, преку Канцеларијата за врски на Србија во Косово, формално барање за потврдување на случајот, како и за обезбедување други релевантни детали, вклучувајќи го и идентитетот на уапсените лица и локацијата каде што се задржани. Во таа насока известена е Делегацијата на Европската Унија во Србија и дипломатските претставништва на земјите од Квинта акредитирани во Белград“, се наведува во соопштението на косовското МНР.
Според локалните медиуми, во Србија денеска се уапсени жителите на Подуево од албанска националност, Реџеп Хоти и Гивен Аземи, на кои српските власти им одредиле 30-дневен притвор.