Европската комисија ги објави овогодишните добитници на новинарските награди именувани по поранешниот потпретседател на ЕК и поборник на слободата на изразување и на човекови права „Лоренцо Натали“.
„Наградата за најдобар новинар во подем“ ја доби Џамаима Африди за нејзината истражувачка сторија за предизвиците со кои се соочуваат авганистанските бегалци во Пакистан, особено жените кои се соочуваат со најголеми последици од враќањето на Талибанците на власт во Авганистан.
- Нејзиното известување фрла светлина на нивните борби за домување, здравство и вработување. Нејзината влијателна истражувачка сторија, насловена „Додека Пакистан ја почнува втората фаза на депортација, авганистанските жени стравуваат од она што претстои“, беше објавена во медиумот „Зора“, се наведува во образложение на наградата.
Добитници на „Наградата за истражувачко новинарство“ се француските новинари Матилде Кузан, Манон де Куе и Мартан Будо за сторијата „Оружје, токсичното наследство“ емитувана на Француската телевизија.
- Нивната сторија се фокусира на ризиците по животната средина од неексплодираните бојни средства и воениот отпад во Нормандија, нагласувајќи ја потребата од итна акција за справување со ова токсично наследство, се потенцира во одлуката за доделување на оваа награда.
„Наградата за репортажа“ им е доделена новинарките Габриела Рамирез и Тина Ксу за нивната репортажа „Вдовица од границите на Европа“ објавена во „Енбaјeсд Њуз“.
- Нивната привлечна статија ги истакнува личните приказни на семејствата погодени од предизвиците со кои се соочуваат на европските миграциски рути, нагласувајќи го емоционалното влијание на загубата и разделбата, се истакнува во образложението на наградата.
Добитник на „Специјалната награда за фотоновинарство“ е Биенвенидо Веласко за неговото дело „Социјалните мрежи и измамата што поттикнува илјадници мигранти да минуваат преку јазот Дариен“ објавено од шпанската новинска агенција ЕФЕ.
- Ова дело ја открива суровата реалност со која се соочуваат мигрантите кои минуваат преку опасниот јаз Дариен (на колумбиско-панамската граница), водени од лажни ветувања што се шират на социјалните мрежи. Тоа ја нагласува потребата од поголема свест и поддршка за ранливите популации кои преземаат такви ризични патувања, се вели во образложението на наградата.
На конкурсот за овогодишните награди „Лоренцо Натали“ се пријавиле над 1200 новинари од целиот свет. Претселекцијата ја извршија четири факултети за новинарство – Португалскиот католички универзитет, шпанскиот Универзитет од Навара, либанскиот Универзитет Сен Жозеф од Бејрут и белгискиот Колеџ Весалиус, додека лауреатите ги избраа жири составено од пет меѓународно познати експерти од светот на новинарството: Индеј Еспина-Варона, Стефани Глински, Нтибињане Алвин Нтибињане, Делија Родригез и Артур Ромеу.
Наградите „Лоренцо Натали“ се доделуваат од 1992 година за извонреден придонес на новинарите кон професијата, за посветеност на основните вредности на новинарството и клучните прашања, како што се нееднаквоста, сиромаштијата и климатските промени, како и на важноста на образованието и значењето на човековите права во современото општество.