Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска во Охрид присустуваше на стартот на третата инвестициска фаза во компанијата „Костал Македонија“, за производство на полначи за електрични и хибридни возила во вкупна вредност од речиси 50 милиони евра.
Како што беше истакнато, со неа се планирани отворање на нови производствени линии, како и над 250 нови работни места.
- Импресивни се досегашните вложувања тука. Импресивни се плановите и за инвестирање и во иднина, најавените 50-тина милиони евра наредните четири години. Тоа значи дека ние како Влада треба да имаме, но и мислам дека имаме посебен пристап кон инвеститорите, независно странски или домашни. Ваков тип инвестиции треба да поддржуваме и да ги охрабруваме што повеќе да се инвестира...Како премиер ќе нагласам дека се што можеме како Влада да бидеме пријатели на бизнисо, на економијата, го правиме и ќе го правиме. Денешниот современ патриотизам е токму тоа - инвестирање, обезбедување добро платени работни места и извоз, за да останеме на радарот на инвеститорите, рече премиерот Мицкоски.
Заедно со претходните две фази, вкупните реализирани инвестиции на компанијата во Македонија ќе достигнат 150 милиони евра.
Предвидено е „Костал Македонија“ со новите инвестиции да го прошири производството со високотхнолошки, специјални системи за „плаг-ин“ хибридни и електрични возила на групацијата „Фолксваген“.
- Сите возила од групацијата, тие системи ќе ги добиваат од фабриката во Охрид. Истовремено и мехатронски кровни модули на „Мерцедес“. Тоа значи и покрај нестабилноста на автомобилската индустрија пред се во Европа, ние како компанија продолжуваме со раст, инвестици, зголемување на извозот, истакна директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо.
Тој потсети дека компанијата минатата година беше деветта во државата, според остварениот извоз, со очекувања до крајот на декадата да се достигне извоз над половина милијарда евра.
- Сето она што го правиме, со поддршка на институциите, локалната самоуправа, сметаме дека е успех на сите нас. Успехот на компанијата е и на градот и на државата, и на оние 1150 моментално вработени тука во Охрид. Идните проширувања и нови вработувања, ќе зависи од резултатите што ќе ги постигнеме тука од ефикасност, протуктивност и идни проекти. Тоа значи колку сме поуспешни тука толку и ќе можеме да привлеќеме нови инвестиции, рече Мизо.
Претседателот на „Костал Европа“ и главен оперативен директор на „Костал групацијата“, Ханц Јорг Херман, од своја страна нагласи дека независно кризниот период за автомобилската индустрија на континентот, очекувањата се дека успешната работа на тимот на „Костал“ во Македонија, развојната програма на капацитетите на компанијата и нејзините иновативни програми ќе продонесат за успешно надминување на потешкотиите.
- Секоја криза е минлива, ние не сме загрижени бидејќи имаме добар тим, на добро место. Следејќи ги нашите планови за раст и стратегијата за развој, верувам дека овој капацитет во Охрид ќе ја продолжи својата успешна приказна, рече тој.
Според најавите, планот е да се започне со производство со воведување на најновите SAC (Smart Actuator Charging) технологии и системи за полнење од групацијата „Фолксваген“, што ќе бидат вградени во најновите модели на„Фолксваген“, „Шкода“, „Сеат“, „Ауди“ и „Порше“