Со САД разговараме на три нивоа што ги нуди статусот земја-членка на НАТО, за тоа како може Република Кипар да ги искористи овие можности, така што кога сè ќе биде на свое место, Република Кипар да може да стане членка на НАТО, изјави кипарскиот претседател Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина.

Весникот „Катимерини“ во неделата пишуваше дека Христодулидис на средбата со американскиот претседател минатиот месец ги презентирал теоретските и практичните аспекти на планот за евентуално членство на земјата во НАТО, кога тоа ќе го дозволат политичките услови, а денеска новинарите побарале од кипарскиот претседател да даде „јасен одговор“ дали Владата има намера да поднесе барање за членство на Кипар во Алијансата.

- Сосема јасен (одговор). Фактот дека Република Кипар не може да биде земја членка на НАТО поради приговорите од Турција ја спречува националната гарда од многу можности дали тоа е надградба или е набавка на воена опрема. И токму затоа што не сакаме националната гарда да ги губи овие можности, разговараме со САД, и драго ми е поради позитивниот одговор, на три нивоа што ги нуди членството во НАТО, за тоа како Република Кипар може да ги искористи овие можности, така што кога сè ќе биде на свое место, Република Кипар да може да стане членка на НАТО, објасни Христодулидис.

На прашањето кога ќе созреат условите за да се овозможи поднесување на барањето за членство, кипарскиот претседател посочи дека „колку помалку зборуваме за оваа тема, толку поблиску сме до целта“.

„Катимерини“, како што веќе објави МИА, повикувајќи се на свои информациите пишуваше дека кипарскиот план е „детален, добро осмислен, и долгорочен, составен од многу меѓузависни фази и е веќе прифатен од Вашингтон“, а главната цел е институционализирање на односите на Кипар со НАТО.

Република Кипар побарала од САД да се исполнат три главни стратешки цели: можноста за набавка на одбранбена опрема од Вашингтон; дополнителна надградба на полето на заедничката обука на припадниците на кипарската национална гарда во воените академии на САД, а третото кипарско барање, според „Катимерини“ е одлучувачки придонес на САД во постепената модернизација на одбранбените капацитети и на воените сили, објектите и средствата на Кипар според стандардите на НАТО.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2024 03:58