Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека несомнено е оти Белград и Србија не се поврзани со експлозијата на каналот Ибар-Лепенец кај Зубин Поток и оти косовскиот премиер Албин Курти имал најмногу причини тоа да се случи.

- Нема докази дека Србија е поврзана, дури ни шпекулации. Најважно е истрагата да продолжи. Ќе почекаме, но нема да ја пуштиме оваа тема, изјави Вучиќ.

Тој посочи дека најважно е да се утврди кој стои зад тоа, а најмалку кој е сторителот.

- Подготвени сме за целосна соработка во спроведувањето на истрагата со сите меѓународни институции, а во согласност со Бриселскиот договор на одреден начин и со приштинските институции, истакна Вучиќ.

Според него, доколку тоа го извршил некој од српска националност, а е на територијата што е под ефективна контрола на Србија, во истата секунда ќе биде казнет, но, нагласи, дека нема такви сознанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2024 00:21