Сојузот на синдикатите на Македонија е сериозно загрижен од предлогот на Фискалниот совет за зголемување на пензискиот стаж за остварување на правото на старосна пензија на 67 години.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во изјава за МИА вели дека пензиските реформи во сериозни држави се прават врз основа на сеопфатни анализи за целокупната општествено –економска состојба со сите предности и клучни предизвици во насока на социјално згрижување и сигурност за најголем број од населението.

- Доколку членовите на Фискалниот совет сакаат да помогнат во крпење на буџетот во Фондот за пензиско, можеби треба да почнат да плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување за сите нивни приходи што ќе претставува пример и за останатите кој треба да се следи! И во минатото сме биле сведоци на вакви несериозни предлози и тоа од луѓе кои не се дел од работниците, а на штета на работниците. Напоменуваме дека вакви избрзани мерки преку зголемување на стапката на придонес или продолжување на возраста за пензионирање, само и исклучиво во обем потребен за покривање на дефицитот на Пензинскиот фонд, на долг план не вложувале со плод, напротив структурните проблеми останувале нерешени и проблемите се повторувале, вели Трендафилов.

Според него, потребни се сериозни политики и мерки за зголемување на бројот на вработување на младите по пат на реални и одржливи работни места кои ќе бидат резултат на нови домашни или странски инвестиции и зголемување на платите, а со тоа и зголемување на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и намалување на сиромаштијата.

Трендафилов во изјавата за МИА посочува дека се потребни и политики и мерки за пристојна работа за сите со почитување на правата од работен однос според меѓународните трудови стандарди со цел да се задржат младите луѓе да работат и живеат во сопствената држава.

- Потребно е воведување на повеќе услови за пензионирање, како пензионирање со навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години работен стаж за жени, предвремено пензионирање, воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците, старосна пензија - по возраст или работен стаж - по дејности, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија по возраст обезбедување на можност за докуп на стаж, посочува Трендафилов.

Синдикатот бара и сеопфатни ангажмани за трансформација на непријавената работа во пријавена и целосен ангажман на инспекциските и други државни органи за наплата на социјалните придонеси во целост.

- Поради непријавената работа државата годишно губи 250 милиони евра кои остануваат во џебовите на газдите. Само на овој начин социјалните фондови можат и ќе станат реални и одржливи и ќе бидат вистинска заштита и сигурност за работниците и граѓаните во услови на болест, старост, невработеност. Дотогаш, не може да си играме со здравјето и животот на работниците и граѓаните, не може без нивна волја и потреба да го продолжуваме нивниот работен стаж и да ги изложуваме на опасност нивните животи со продолжување на работниот век и одлагање на заслуженото пензионирање како покритие за лошите политики долг временски период наназад, нагласува Трендафилов во изјава за МИА.

Фискалниот совет како предлог мислење на Фискалната стратегија 2025-2029 година предлага од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензинско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти.

Од Фискалниот совет, кој е е независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија, нагласуваат дека ваквите мерки се потребни за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период.

- Фискалниот совет е на мислење дека за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период, потребни се дополнителни мерки како зголемување на работниот век на вработените и постепено зголемување на придонесот на пензиско и инвалидиско осоригување (тековно е на 18,8 проценти што е намалување од 2,4 проценти во однос на 2008 година кога изнесуваше 21,2 проценти). Кога на тоа би се додало старењеето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1500-1700 нови пензионери секоја година, придружувано и со преференцата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензионите приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен. Оттука фискалната одржливост на Фондот на ПИОМ претставува посебен фискален ризик, се наведува во мислењето од Фискалниот совет.

Во однос на зголемувањето на стапката за пензиско осигурување, од Фискалниот совет препорачуваат во 2027 година да се направи анализа за фискалната одржливост на Фондот на ПИОМ и во зависност од трендот и потребата, постепено да се зголемува придонесот до 21 проценти до 2029 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2024 01:55