Да не дозволиме да бидеме измамени со комерцијалните и социјалните конструкции за значењето на празникот Божиќ, поимајќи го како празник на дарувањето и на домашната хармонија. Божиќ е далеку повеќе од само празник за сплотување на семејството – тоа е мигот кога Бог влегува во минливата историја на човештвото, за да го повика човекот да стане учесник во вечноста, слегува на земјата за да ни даде можност да се искачиме на небото, порачува во интервју за МИА сестра Ефимија од манастирот „Свети Георгиј Победоносец" во дебарското село Рајчица.
За многумина, како што наведува, дури и во овој современ контекст, Божиќ е време за литургиско празнување во храмовите, од кое понатаму произлегува вистинската духовна радост и сплотување со ближните. - Токму оваа перспектива на празникот е она што треба да нè води, без оглед на тоа што светот околу нас често ја нагласува формата наместо суштината. Значи, пораката на Црквата во овој контекст е јасна: да се вратиме на суштината! Божиќ е момент за љубов, простување, духовно обновување и единство со Бога и со ближните. Тоа е повик да се ослободиме од духот на зависта, злобата, себичноста и материјализмот, и да го отвориме своето срце за вистинската радост – раѓањето на Христовиот мир во нашите срца, посочува таа.
Со сестра Ефимија разговаравме на почетокот на божиќниот пост за кој укажува дека е неопходно е да ја разбереме повозвишената цел - дека тој е време за стишување, време на засилена духовна борба во која се трудиме да се откажеме од секаква злоба, завист и осудување, време во кое треба внимателно да бдееме над себеси, да набљудуваме што се случува со нас, какви слабости се будат внатре во нас и каков однос имаме ние кон видливите и невидливите пројави на нашата природа.
Разговараме и за денешниот празник Воведение на Пресвета Богородица за кој вели дека е повик до секој од нас да пристапиме кон Бога со истата љубов и смирение како Пресвета Богородица, дозволувајќи Неговата волја да го води нашиот живот. И не само тоа, туку нè потсетува и дека пристапот до Бога никако не е ограничен само на одредена група луѓе, туку е можност која е дадена секому.
Сестра Ефимија со МИА ги споделува и активностите на сестринството во Рајчица, препознатливо по изработката на божиќните пештери што ги носат децата за Бадник, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ и најавувајќи го така празникот Божиќ по сите градови и населени места во држава. Како дел од негувањето на богатата мисионерска и духовна активност на монашките заедници, годинава организираат трибини на кои дискутираат за различни општествени предизвици.
Во продолжение интервјуто во целост:
Божиќниот пост започна – време на духовно обновување и пат кон Христовото Рождество. Што значи овој благословен период за верниците и Црквата, и како духовно да го поминеме овој пат кон светлината што ја носи празникот Божиќ?
-Божиќниот пост е време на подготовка за еден од најголемите празници – Раѓањето на нашиот Господ Исус Христос. За верниците, тоа е повик да го успорат секојдневното темпо, да се оттргнат од вревата што ја предизвикува современиот начин на живот и да се насочат кон духовно тихување. Меѓутоа, за да одговориме на ова прашање, најпрвин ќе треба да разјасниме неколку клучни аспекти поврзани со постот. Ќе почнеме од она што е општо познато, а тоа е дека постот претставува воздржување од одреден вид на храна, односно откажување од она што ни претставува некаква телесна наслада. Секое, пак, откажување е проследено со зборот „треба“, што му создава сериозни пречки на денешниот слободен човек, кому му пречат оковите на обврзувањата, редот и дисциплината. Живеејќи со склоност кон барање на разни видови на олеснување и утеха, нему воопшто не му е лесно да се убеди себеси да се откаже од задоволствата во кои ужива. Е тука веќе навлегуваме во вториот аспект на постот, на кој сакам да обрнеме посебно внимание. Од една страна, живееме во еден добро утврден комфор, каде сè е дозволено и нормално, а од друга пред нас се исправа можноста да го напуштиме тој амбиент на живот за да влеземе во друг, кој е утврден со одредени правила и прописи. Но самата мисла дека имаме можност да влеземе во друг животен ритам е исполнета, би рекла со една мистика, која нè поттикнува да го напуштиме надворешното и да влеземе внатре во себеси, да преиспитаме многу нешта поврзани со нашите личности. Во оваа смисла, неопходно е да ја разбереме повозвишената цел на постот, имено дека тој е време за стишување, време на засилена духовна борба во која се трудиме да се откажеме од секаква злоба, завист и осудување, време во кое треба внимателно да бдееме над себеси, да набљудуваме што се случува со нас, какви слабости се будат внатре во нас и каков однос имаме ние кон тие видливи и невидливи пројави на нашата природа. Едноставно, постот е време на воздржување.
Иако ова звучи како постот да е откажување, сепак треба да го разбереме во вистинската смисла - како давање и добивање. Подвигот на откажувањето е, всушност, давање, принос што го правам пред Бога. Давањето од себеси, победата над своето деструктивно „јас“, е единствениот начин да се извојува победа над сè она што се бунтува против нашето приближување до целта на тој пат, која е раѓање на Бога во нашите срца. Подвигот, пак, на давањето, на себепринесувањето заради повозвишени цели како можност да Му се даде нешто на Бога и да се направи, макар и најмалиот подвиг за Него, е една неверојатна придобивка.
Затоа велиме дека постот не е само пат кон празникот, туку и можност за длабока преобразба – пат кон Христос, Кој е изворот на животот и радоста. Ако постиме на тој начин, тогаш подготвени и очистени ќе го дочекаме Рождеството - изгревањето на Христос, Сонцето на правдата, како празник кој ќе ги просветли и исполни со радост нашите срца, за да можат тие да му засветлат на светот со духовна светлина.
Денеска Православната Црква го празнува споменот на Воведението на Пресвета Богородица во храмот. Каква порака носи овој празник?
-Празникот на Воведението на Пресвета Богородица во храмот е длабоко инспиративен настан кој нè повикува да размислиме за посветеноста, смирението и животот во служба на Бога. Тоа е миг кој длабоко е проектиран во секојдневието, во иднината на секој човек. Значи, не е само историски настан, туку и настан кој нè поттикнува да размислиме, меѓу другото, за една важна општествена порака, имено воспитувањето на децата во духот на верата и добродетелите.
Зошто го истакнувам ова? Бидејќи, кога Богородица била воведена на воспитување во храмот, таа била многу мала и сè уште немала своја волја, па нејзиниот живот се одвивал според волјата на нејзините родители, светите Јоаким и Ана, кои верувале и знаеле дека го прават најдоброто за своето чедо. Ова дело подоцна доби севселенско значење, зашто воспитана во духот на Божјите заповеди, Богородица станала посредничка во помирувањето на луѓето со Бога. Ќе застанам тука, бидејќи сакам да положам внимание на две клучни нешта.
Прво, од денешна перспектива, волјата на светите родители Јоаким и Ана да ја предадат својата ќерка на воспитување во храмот, спаѓа во основните човекови права, заштитено со многу декларации, меѓународни документи и Конвенции. Значи денешните родители, согласно нивните убедувања, имаат загарантирано право да го одберат воспитувањето и образованието за своите деца. Сепак, имајќи ги предвид идеите со кои е вдахновено современото општество, ќе мора да признаеме дека нештата не одат толку лесно, туку напротив, на патот на воспитувањето на здравите генерации има многу препреки. Зошто? Бидејќи денес ги живееме последиците од нарушената симфонија помеѓу клучните фактори - семејството, образованието, системот на државата и верските заедници - кои ќе мора повторно да се обединат и да ги исполнат своите должности, доколку сакаме да имаме здраво општество. Ако сè почнува во кругот на семејството, ако тоа е темел на општествената градба, тогаш родителите не смеат да дозволат нивните најмали сами да го направат својот избор за тоа како ќе се изградат, туку тие, родителите, согласно добрите вредности и традиции, треба да го направат вистинскиот избор за своите деца. Потоа, образованието, со своите утврдени техники на учење и методи на воспитание ја набљудува, развива и ја дооформува таа млада градба, за потоа институциите да го примат подготвениот човек во својот систем и да ги ползуваат неговите капацитети за да го унапредат општеството.
Второ, овој празник пред нас го претставува совршениот модел на жена – Пречистата Дева Марија. Денешното општество, со своите бројни дискусии за улогата на жената, честопати размислува за нејзината суштина. Како е можно да се сведува жената само на избор или чувство? Дали таквиот пристап ја нарушува суштината на нејзината улога во општеството? Каде денес се наоѓа мајката на општествената скала на вредности? Не се противам на индивидуалните избори, ниту го негирам фактот дека постојат жени кои, поради различни причини, не можат да станат мајки. Но, тоа не ја исклучува нивната можност да ги негуваат доблестите на мајчинството, да делуваат со љубов, грижа и пожртвуваност. Жената има возвишена и света улога – таа е мајка што се жртвува за своите деца, ја гради семејната основа, е посредник помеѓу Бога и луѓето и темел за напредокот на целото општество.
Затоа, Воведението е повик до секој од нас да пристапиме кон Бога со истата љубов и смирение како Пресвета Богородица, дозволувајќи Неговата волја да го води нашиот живот. И не само тоа, туку нè потсетува и дека пристапот до Бога никако не е ограничен само на одредена група луѓе, туку е можност која е дадена секому.
Освен изработката на Божиќните пештери, што е тоа што ќе го одбележи овој период во вашето сестринство?
-Нашите монашки заедници катадневно живеат во амбиентот на духовната тишина, не напуштајќи го утврдениот богослужбен поредок, кој е извор на таа тишина. Но, овој предбожиќен период е исполнет со дополнителни активности кои го помагаат вдлабочувањето во тајната за раѓањето на Богомладенецот од Дева. Освен богослуженијата, заедничките духовни читања, како и вообичаените монашки послушанија, тука се и божиќните пештери, кои со благослов на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, повеќе од една деценија се изработуваат во нашиот манастир. Радоста е бескрајна, имајќи го предвид фактот дека токму тие пештери го внесоа автентичниот божиќен амбиент во сечиј дом, му дадоа можност на секој човек да ја набљудува рождественската сцена и да размислува за настанот кој пред повеќе од две илјади години го промени светот. За нас нема поголема награда од тоа да ги чуеме сведоштвата на илјадниците луѓе, кои благодарение на возобновувањето на оваа традиција, научија да ја живеат длабоката тајна на Рождеството Христово секој ден, а не само на Божиќ. И уште повеќе, оние ангелски гласови, кои во очи Бадник, како и на самиот ден Бадник, во духот на вистинската православна традиција, со пештери и ѕвезди во рацете гласно ја пеат „Вечниот Бог“, најавувајќи го така празникот Божиќ по сите градови и населени места во нашата држава, му го нудат на современиот човек христијанскиот оптимистички потенцијал. Со тој настан, предводен од децата, е поставена насоката за општествениот развој, како и за вистинското нешто за кое треба без откажување да се трудиме – мирот со Бога и со сите луѓе.
Исто така, нашите монашки заедници повеќе години наназад негуваат богата мисионерска и духовна активност. Оваа година на пример, по идеја на владиката Партениј, а во соработка со локалната самоуправа, организираме трибини на кои дискутираме за различни општествени предизвици, со што се трудиме да ги пренесеме најважните пораки до секој човек без исклучок. Дополнително, во рамки на нашите манастири перманентно организираме предавања за сите гости, со цел секому да му ја доближиме реалноста за присуството на Бога во светот и во животот на секој човек.
Суштинско празнување на Божиќ или форма, комерцијализација. Како стојат работите кај нас и на што се должи тоа?
-Во денешно време, празнувањето на Божиќ, како и на многу други празници, често е под влијание на современиот начин на живот кој е брз, материјалистички и насочен кон надворешната форма. Ова, за жал, доведува до тоа празниците да се сведат на фикција, на бесмислена потрошувачка, на обичен комерцијален ритуал за разменување подароци, со тенденција да се надмине нивното суштинско духовно значење.
Кај нас, како и во многу други земји, се чувствува оваа схизма меѓу суштината и формата на празникот. Навистина, божиќната порака е многу убава: љубов, радост, мир. Но да се празнува без да се разбере длабокото значење на празникот, е начин да се обезличи и на тој начин да се формира бесмислие.
Причината за ова е повеќеслојна. Брзиот начин на живот, влијанието на западните трендови, медиумите и потрошувачката култура придонесуваат кон тоа многу луѓе да се фокусираат на надворешните аспекти. Но, тоа, исто така, покажува и една духовна глад – луѓето бараат радост и смисла на погрешни места и, за жал, на погрешен начин. Бараат мир, но и мирот го бараат на погрешни места. Како што би рекол мојот Старец, владиката Партениј, во една своја беседа изречена на Божиќ: „Светот денес постојано расправа за мир, тој е редовна тема во политичките и општествените сфери, на многубројни симпозиуми, декларации, манифести. Не дека тоа е лошо, но сепак е недоволно за човекот суштински да се успокои, бидејќи му недостасува оној, вистинскиот, внатрешен мир, што доаѓа од Бога“. Мирот треба да се бара од Изворот на мирот – Христос, чиешто доаѓање на земјата беше објавено со зборовите: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“.
Сепак, суштината на Божиќ никогаш не може да биде изгубена. Во срцето на овој празник е Христовото Рождество и повикот до сите нас е да се преобразиме, да постанеме садови од кои непрестајно ќе се излева божествената љубов. За многумина, дури и во овој современ контекст, Божиќ е време за литургиско празнување во храмовите, од кое понатаму произлегува вистинската духовна радост и сплотување со ближните. Токму оваа перспектива на празникот е она што треба да нè води, без оглед на тоа што светот околу нас често ја нагласува формата наместо суштината. Значи, пораката на Црквата во овој контекст е јасна: да се вратиме на суштината! Божиќ е момент за љубов, простување, духовно обновување и единство со Бога и со ближните. Тоа е повик да се ослободиме од духот на зависта, злобата, себичноста и материјализмот, и да го отвориме своето срце за вистинската радост – раѓањето на Христовиот мир во нашите срца.
Сите празници значат сплотување на семејствата. Која е пораката од божиќното празнување за секој поединец и семејство?
-Еден исклучителен теолог од Православната Црква во Грција, митрополитот Николај Месогејски, вели: „На Божиќ да си спомнеме и за Бога!“ Оваа толку едноставна, но истовремено и толку посебна реченица, ме поттикнува да размислам за најважната порака која произлегува од овој празник. Ми се чини дека човештвото многу малку размислува за Бога на Божиќ. Ние не си спомнуваме за Христа на денот на Неговото раѓање, додека, пак, Он секогаш нè има во Своето помнење. Ние Го забораваме, но Он секогаш се сеќава на нас. Он дојде и не задоцни, ја исцели нашата природа. Ја остави небесата и се симна на земјата. А како дојде? Тивко, во смирение. Ако погледнеме во иконата на Рождеството Христово и се вдлабочиме во неа, ќе забележиме една многу мала човечка фигура, еден Младенец, но Младенец со царско достоинство што не е од овој свет. И во тоа смалување на Спасителот, Кој смирено прифаќа да се роди во тишина, во темна и ладна пештера и да биде повиен во јасли, е тајната на исцелението на човечкиот род. Човечката гордост и големината родена од погрешната перцепција за моќта и силата, со Рождеството Христово ја изгуби својата привидна слава. Зашто Раѓањето Христово е празник кој ја изразува моќта и силата на смирението, славата на доброволното смирение на Спасителот, Кој ја посети земјата за да му даде можност на човекот да стане жител на небото.
Затоа, да не дозволиме да бидеме измамени со комерцијалните и социјалните конструкции за значењето на празникот Божиќ, поимајќи го како празник на дарувањето и на домашната хармонија. Божиќ е далеку повеќе од само празник за сплотување на семејството – тоа е мигот кога Бог влегува во минливата историја на човештвото, за да го повика човекот да стане учесник во вечноста, слегува на земјата за да ни даде можност да се искачиме на небото. Тоа е време кога Он влегува во сечиј дом, се симнува во срцето на секој човек. Секако, тоа е и миг во кој, собрани заедно околу празничната трпеза, си спомнуваме дека Он е центар на нашиот семеен живот. Од тоа мало семејно гнездо ја пренесуваме универзалната порака до големото семејство на светот, без оглед на постоечките разлики меѓу нас. Христос се роди за сите луѓе, за да донесе мир и спасение во светот, за да нè поттикне да ги преминеме сите бариери, да ги срушиме сите ѕидови кои ги подигаме меѓу нас. Тоа сака да нè научи Бог, секого од нас посебно и истовремено сите заедно.
За крај, едно лично прашање. Повеќе години наназад сте активна и во општествена смисла, давајќи придонес во дебатите поврзани со одредени современи предизвици пред кои е исправен човекот. Какви се резултатите од тие активности?
-Како монахиња, мојата мисија е насочена кон пренесување на спасителните пораки на верата до луѓето, не само преку молитвата и монашкиот живот, туку и преку активно учество во општествениот живот. Со благословот и силната поддршка на мојот Старец, епископот Антаниски, г. Партениј, се стремам да ја исполнам оваа мисија на најдобар можен начин, притоа споделувајќи љубов, разбирање и духовно насочување со сите.
Моето академско образование е дел од оваа посветеност. Во моментов сум на докторски студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како стипендист на германската фондација „Конрад Аденауер“, а под менторство на почитуваниот професор др. Александар Спасеновски, од чие што богато искуство и знаење многу црпам. Темата на мојот докторат се однесува на местото на верските заедници во современото општество. Верувам дека ваквите истражувања се важни за подобро разбирање на улогата што религијата ја има во промовирањето на општествена хармонија, толеранција и мир. Благодарение на оваа поддршка, можам поуспешно да ја поврзам теоријата со праксата и да придонесам за подобрување на дијалогот меѓу различните општествени чинители.
Посебно значење за мене има темата за улогата на жената во општеството, но и афирмацијата на верското образование во јавниот образовен систем. Како една од основачите на Асоцијацијата на професори по Етика во религиите, чувствувам дека имам лична мисија да придонесам за унапредување на ова поле, зашто верувам дека духовното образование е основа за развој на здрави и морални генерации. Преку поддршката на професорите по Етика во религиите од сите конфесии, се трудам, во соработка со нив да помогнам во градењето на едно општество кое ќе ги негува добрите традиции, како и суштинските вредности: љубовта, почитта и разбирањето.
Би сакала уште да додадам дека нашето монашко братство и сестринствата, предводени од владиката Партениј, со самата возобнова на монаштвото, се трудат да земат учество во повеќе видови на социјална мисија, која е поврзана со незапирливата желба евангелските вистини да допрат до секого. Ова придонесе да се возобнови и утврди литургискиот живот среде многу различни општествени групи, кои денес ја живеат близината со Бога. Особено важна мисија на нашето братство од Бигорскиот манастир и на сестринствата од Рајчица и Пречиста, е организирањето на летните кампови по Вероучение. Почнувајќи од 2012 година, со мали прекини поради коронавирусот, секое лето, и тоа најнапред во Бигорски и Рајчица, а од оваа година во скитот „Свети Кирил и Методиј“, кој се наоѓа над село Битуше, се организираат повеќедневни средби со носителите на промени и креаторите на иднината – децата и младите.
Моите надворешни активности – било во образованието, среде децата или во општеството – се насочени кон една цел: да сведочам за Христовата вистина која го менува и спасува светот и да инспирирам и други да го пронајдат својот пат кон духовната радост.
Доколку сето ова, со Божја помош, влијаело барем малку да се придвижиме сите кон спасението, тогаш е оправдано. Сметам дека сè што правиме е можност за учество во Божјиот план за сите нас, односно само мал придонес кон исполнување на Неговата волја, и тоа ме поттикнува да продолжам со смирение, љубов и благодарност кон Него, зашто Он е вистинскиот извор на секое добро.
Лидија Велковска