Обвинителството во Париз побара денеска затворски казни за шестмината вмешани во случајот со киднапирање и изнуда на францускиот фудбалер Пол Погба, објави весникот „Л’Екип“.

За Матијас Погба, братот на поранешниот француски репрезентативец и светски првак со Франција во 2018 година, Обвинителството побара три години затвор од кои две условно, а една ефективно, во домашен притвор со електронска нараквица.

За останатите петмина вмешани во случајот се побарани затворски казни од пет до осум години затвор.

Судскиот процес почна минатата недела во Кривичниот суд во Париз.

Матијас заедно со уште пет лица, на возраст од 26 до 37 години, беа уапсени во септември 2022 година поради киднапирање на фудбалерот и обид од него да изнудат пари.

Погба тогаш пријави во полиција дека бандата му се заканувала со пушки и барала од него 13 милиони евра за да не објават компромитирачко видео, како и надомест за „дискретна заштита“ во последните десет години.

Инцидентот се случил во март 2022 во Париз, кога двајца мажи под закана со пушки насилно го одвеле Погба во стан во париско предградие каде фудбалерот пораснал. На таа локација членовите на бандата го обвиниле Погба дека не им помогнал финансиски откако станал професионален фудбалер.

Обвинувањата за киднапирање и изнуда уследија откако братот на Погба, Матијас, објави видео на интернет на четири јазици (француски, италијански, англиски и шпански), најавувајќи „големи откритија“ за поранешниот француски репрезентативец.

Француските медиуми објавија дека Пол Погба им рекол на инспекторите дека шестчлената криминална група сакала да го дискредитира тврдејќи дека побарал помош од врач за да го проколне неговиот француски соиграч Килијан Мбапе.

Пол Погба ги негираше обвинувањата.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2024 05:25