Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер вечерва во Битола беше подобар од шампионот на Полска, Висла и го совлада со 21:18 (12:10).
Во дуелот на словенечки интернационалци во двата тима, предводени од шпански тренери, сепак македонските репрезентативци, голманот Никола Митревски и голгетерот Филип Кузмановски го решија натпреварот и обезбедија нови европски бодови за Еурофарм Пелистер кои можеби ќе го одведат во следната фаза од Лигата на шампионите.
Битолчани беа подобри во текот на целиот натпревар, особено во второто полувреме кога во неколку наврати имаа предност од пет голови (15:10, 16:11 …), а кога средбата влегуваше во неизвесна фаза, тогаш сигурност влеа голманот Митревски кој вечерва имаше над 40 проценти успешна одбрана на домашниот гол.
Во полната сала „Боро Чурлевски“ на крајот со овации беше поздравена втората победа на битолчани кои сега се на 6 место на табелата од групата „А“ кое обезбедува пласман во следната натпреварувачка фаза.
Во европската Лига на шампионите настапува пауза, а ќе продолжи в година кога треба да се доиграат уште четири натпревари во кои Еурофарм Пелистер има тежок распоред но голема самодоверба и оптимизам по доаѓањето на шпанскиот тренер Алонсо.