Најмалку осум американски телекомуникациски компании и десетици земји беа погодени од кинески хакерски напад, изјави заменик-советничката за национална безбедност во Белата куќа, Ен Нојбергер.

Таа соопшти дека како резултат на хакерскиот напад, протекле лични пораки и телефонски записи на непознат број Американци.

Според американските власти, хакерите имале пристап и до комуникациите на високи владини функционери и истакнати политички личности.

- Не веруваме дека некаква доверлива информација била компромитирана, изјави Нојбергер.

Таа истакна дека релативно малку луѓе биле цел на нападот, така што протекле релативно малку телефонски повици и СМС пораки.

Нојбергер додаде дека сите засегнати компании одговориле на нападот, но ниту една сè уште „целосно не ги отстранила кинеските учесници од тие мрежи“.

- Така што, постои ризик од континуирано компромитирање на комуникациите. Додека американските компании не ги решат празнините во кибер-безбедноста, Кинезите најверојатно ќе го задржат пристапот, рече Нојбергер.

Таа рече дека американскиот претседател Џо Бајден бил информиран за хакерските напади и оти Белата куќа „и го поставила како приоритет на федералната влада да стори сè што е можно за да дојде до оние што стојат зад нападите“.

Кинеската Амбасада во Вашингтон ги отфрли обвинувањата дека има некаква врска со хакерските напади



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2024 21:19